Доколку претседателот на Унгарија, според Маѓар, не поднесе оставка доброволно, неговата партија ќе иницира измени на Уставот
Петер Маѓар, лидерот на партијата Тиса, која однесе убедлива победа на парламентарни избори во Унгарија одржани во неделата, денеска побара од унгарскиот претседател Тамаш Шујок да поднесе оставка веднаш по формирањето на новата влада.
Пред денешната средба во претседателската резиденција, Маѓар изјави дека Шујок треба да се повлече од функцијата за да се испочитува волјата на граѓаните.

„Претседателот Сујок не е способен да го претставува единството на унгарската нација, не е достоен да биде чувар на владеењето на правото и не може да служи како морален компас за народот“,
рече Маѓар додавајќи дека истата порака ќе му ја пренесе и директно на шефот на државата.
Шујок беше избран за претседател во февруари 2024 година од страна на парламентот.
Маѓар посочи дека доколку претседателот не поднесе оставка доброволно, неговата партија ќе иницира измени на Уставот.
На прашањето како реагирал претседателот, Маѓар посочи дека рекол оти ќе ги разгледа изнесените аргументи.
Неговите изјави, како што рече, не се насочени против личноста на претседателот, за што вели дека и лично му ги соопштил.
По состанокот, Маѓар потврди дека претседателот ќе му го додели мандатот за состав на новата влада.
Се очекува конститутивната седница на парламентот да се одржи на почетокот на мај, додека инаугурацијата на новата влада е планирана во текот на истиот месец.
Од кабинетот на претседателот информираа дека Шујок ќе ги разгледа аргументите изнесени од лидерот на Тиса.
