Надзорниот и Управниот одбор на М-НАВ во својата писмена реакција тврди дека со објавените исечоци од аудио снимки од разговор меѓу Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и претставници на М-НАВ и компанијата „Леонардо“,се доведена во заблуда целокупната јавност и се наштетува на угледот на М-НАВ.
„На состанокот се разговараше по три точки од дневен ред кои претходно беа договорени: надградба и одржување на постоечкиот Леонардо АТМ систем, со цел да се подобрат неговите перформанси, Втора точка за која се разговараше беше одржувањето на постоечкиот радар од Леонардо кој е еден од радарите за давање услуги во воздухопловната навигација. Последна точка на дневен ред беше информација за статусот на набавката на новиот АТМ систем на барање на компанијата Леонардо“,
се вели во соопштението на М-НАВ.
Оттаму укажуваат дека набавката на АТМ (Air Traffic Management) системот како најважна компонента од договорот за заем со ЕБОР е водена во согласност со Политиките и правилата за набавка на ЕБОР и е започната во 2013 година, при што експерти од ЕБОР, независен консултант од Франција и Еуроконтрол се континуирано инволвирани во целиот процес. Изборот на најниско евалуирана суштествено подобна понуда која ги задоволува тендерските барања (lowest evaluated substantially responsive tenderer) е направен од страна на евалуациониот тим на М-НАВ АД и тој е поднесен на 25.05.2017 до Управниот одбор, а Одлуката по однос на прифаќањето на истиот е донесена од страна на претходниот менаџмент на М-НАВ АД на 30.05.2017.

„Договорот е потпишан од страна на Леонардо, правен следбеник на Selex ES, на 28.11.2018, а од страна на трите директори, членови на Управниот одбор на М-НАВ АД е потпишан на 14.12.2018. Целокупната понуда од датумот на поднесување на евалуациониот извештај од страна на евалуациониот тим на ден 25.05.2017, до датумот на потпишување на договорот на ден 14.12.2018, е непроменета“,
се посочува во соопштението.
Од М-НАВ најавуваат дека ќе ги употребат сите законски средства против лицата кои го нарушиле или ќе го нарушат угледот и реномето на компанијата.