Палевски е спроведен во Основниот кривичен суд Скопје, каде пред судија на претходна постапка треба да се произнесе за 30-дневниот притвор кој му беше одреден во отсуство на почетокот на декември, кога Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага за грозоморниот случај
Љупчо Палевски-Палчо, првосомничениот за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски попладнево беше спроведен од истражниот затвор „Скопје“ на распит пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје.
Станува збор за прво појавување на Палевски пред судските органи во земјава, откако пред една недела беше екстрадиран од Турција.
Палевски во судот беше донесен со силно полициско обезбедување кое во зградата на Кривичен го внесе држејќи му ја главата наведната и со цврст зафат околу неговите раце.
Прашан од новинарите пред судот дали ги извршил и дали се чувствува виновен за убиствата на Ѓорчевска и Жежовски, тој одговори со „не“.
Додека полицијата го внесуваше во зградата, новинарите го прашаа и дали ќе се брани со молчење, тој исто така одговори негативно.
Неговиот одговор гласеше „да“ на прашањето дали има докази со кои може да докаже дека е невин.
Инаку, Палевски е спроведен во Основниот кривичен суд Скопје, каде пред судија на претходна постапка треба да се произнесе за 30-дневниот притвор кој му беше одреден во отсуство на почетокот на декември, кога Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага за грозоморниот случај.
Носењето на Палевски во Кривичниот суд беше очекувано дека ќе се случи оваа недела, откако од Судот минатата недела соопштија дека од истражниот затвор во Шуто Оризари го добиле официјалното известување за неговата екстрадиција. Покрај за екстрадицијата, Судот добил известување и за барањето на Палевски за ангажирање адвокат што ќе го застапува во текот на постапката.
Љупчо Палевски-Палчо на 15 мај, односно минатата среда беше екстрадиран од Турција. Веднаш по доаѓањето во земјава беше спроведен во истражниот затвор „Скопје“ на издржување на мерката притвор што Судот му ја одреди во негово отсуство.
Од републичкото Јавно обвинителство ден по екстрадицијата соопштија дека во врска со Палевски се преземаат истражни дејствија кои во оваа фаза од постапката не можат да бидат споделени со јавноста.