Долгогодишниот натпреварувач во борење, а сега тренер, Љуљзим Вренези, ја добри наградата „8 Септември“ за животно дело за исклучителен придонес во развој и афирмација на спортот. Тој активно се натпреварувал 28 години, а најдоброто освоено место како борач му е четвртото место.
„Ова е најголемата награда што сум ја добил во мојот живот. Им се заблагодарувам на сите колеги и на семејството кои се дел од оваа награда. Се надевам дека ќе Ве израдуваме и со медал од Токио“,
рече Вренези при примањето на наградата.
Наградите „8 Септевмри“ и годинава традиционално се доделија во Собранието. Со нив им се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварувања во областа на спортот.
Покрај наградата за животно дело, беа врачени уште четири награди со кои им се оддава признание на Сократ Ефтимовски (борење), Бесник Мурати (карате), Ванчо Јовановски (ракомет) и Ѓорги Вучков (атлетика).
Од Агенцијата за млади и спорт (АМС) најавија дека и во иднина ќе продолжи поддршката за сите спортски работници во земјава кои со своите успеси ја промовираат земјава во меѓународни рамки.
„Преку вашата улога во претставувањето и афирмирање на земјава во меѓународни рамки, сте придонесувате за јакнење на националната свест и за промоција на нашата држава во светот за што сите се гордееме. Да се понесе ова признание е верификација и потврда на вашиот труд“,
истакна заменик – директорот на АМС Гзменд Ристеми.
Во една година можат да се доделат најмногу до пет награди, од кои само една за животно дело за исклучителен придонес во развојот на спортот, афирмација и промоција на земјава на меѓународен план.
