На влегување во партиското седиште, Лукаревска за „360 степени“ само кратко рече дека очекува се да помине во најдобар ред на партискиот конгрес
Во пресрет на Конгресот, во седиштето на СДСМ се одржа состанок на најтесното раководство на партијата – Извршниот одбор, на кој се разгледувале предлозите за членови на Централниот и Надзорниот одбор на партијата. Пред почетокот на состанокот, Сања Лукаревска, за која има информации дека е фаворитот на лидерот Зоран Заев за заменик-претседател, одбегна да одговори на прашањето на „360 степени“ дали е наследничката на Радмила Шекеринска. На влегување во партиското седиште, само кратко ни рече дека очекува се да помине во најдобар ред на партискиот конгрес.
„Очекувам се да помине во најдобар ред“,
изјави Лукаревска и додаде дека повеќе информации ќе има по завршување на Конгресот.
Сања Лукаревска е директорката на Управата за јавни приходи, а на последните парламентарни избори беше коносителка на изборната листа на СДСМ и коалицијата во Изборната единица број 2, со Оливер Спасовски.
Конгресот е закажан за 13 часот, а со него ќе раководи лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Заев пред конгресот не сакаше да ги открие имињата на канидатите за највисоките партиски функции, но според информации на „360 степени“, повеќе од половина од 120 кандидати што ќе им бидат предложени за избор на делегатите на конгресот се нови имиња, односно не се членови на досегашниот состав на ЦО, кој беше избран во 2017 година.
Како што вчера објави „360 степени“, дел од кандидатите не само што не се членови на овој состав на ЦО, туку досега воопшто не биле дел од партиското раководство.