Во текот на своето излагање на денешната конференција посветена на годишнината од пожарот во Кочани, Мицкоски ги прочита имињата на сите загинати, додавајќи дека луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку се судбини и личности
Постојат настани во историјата на една држава што не се мерат со време, туку со болката што ја остваат зад себе. Токму таков настан е трагедијата во Кочани. Таа не е само трагедија на еден град, туку трагедија што ја потресе целата држава и која засекогаш ќе остане во колективното сеќавање на нашето општество. Со овие зборови денеска премиерот Христијан Мицкоски им се обрати на присутните на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува во Скопје.

„Тука сме собрани со чувство на длабока почит, но и со силно чувство на емпатија. Почит кон оние кои ги изгубија своите животи. Почит кон семејствата кои ја носат болката на загубата. Почит кон повредените кои веќе една година водат тивка и храбра борба за закрепнување. Но, истовремено, имаме и одговорност да се сеќаваме. Одговорност да учиме. И одговорност да создадеме системи кои ќе бидат посилни од пропустите што доведуваат до трагедии. Оваа конференција е обид трагедијата да се претвори во знаење, искуството да се претвори во лекција, а лекцијата во конкретни решенија“,
рече премиерот.
Посочи дека една трагедија никогаш не завршува со денот кога се случила, оти за семејствата, таа продолжува секој ден.
„Продолжува во празните столови на трпезата, во тишината во домот и во секое утро кога човек се буди со споменот на најтешката загуба. Затоа обврската на државата не е само да се сеќава, туку и да покаже дека знае да учи од трагедиите и да изгради систем кој ќе биде посилен, побезбеден и похуман“,
кажа тој.
Потоа, Мицкоски ги прочита имињата на сите загинати во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани, додавајќи дека луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку се судбини и личности.
Премиерот нагласи и дека трагедијата во Кочани остави длабока рана во нашето општество, оти во една ноќ, како што вели, се прекинаа животи, се променија судбини и се отвори болка која ќе остане долго во сеќавањето на нашата држава.
„Во тие часови, цела Македонија застана. Веста се прошири со брзина која носеше неверување, страв и тага. Секој граѓанин ја почувствува тежината на настанот. Во тие моменти не постоеше ниту политика, ниту поделби. Постоеше само тишина и чувство на длабока загриженост за луѓето кои се бореа за живот. Трагедијата ги погоди најсилно семејствата кои ги изгубија своите најблиски. За нив времето се мери со спомените, со празнината која останува и со секојдневната борба да се продолжи понатаму“,
вели тој.
Во исто време, како што додаде, трагедијата остави и друга трага – трага на солидарност и оти хероите никогаш нема да бидат заборавени.
„Кочани покажа дека има луѓе кои се тивките херои на нашата земја. Тоа се болничарите и докторите кои работеа, брзата помош, техничкиот персонал. Вo најтешките моменти, граѓаните покажаа дека општеството има сила да се обедини. Крводарителските центри беа исполнети со луѓе кои дојдоа да помогнат. Волонтери се јавуваа за поддршка на семејствата. Хуманитарните организации се мобилизираа. Лекарите и медицинските тимови работеа без прекин, со огромна посветеност и професионалност. Сакам од срце да ви честитам. Вам и на секој кој беше вклучен во оваа операција. Дома и во странство. Никогаш нема да бидете заборавени“,
рече Мицкоски.
На крајот од обраќањето, ја посочи и меѓународната поддршка на партнерските држави и нивните здравствени системи, кои, како што вели, веднаш ја понудија својата помош.
Тоа, според него, е силен потсетник дека во најтешките моменти, човечката солидарност ги надминува границите.
Една година подоцна, како што вели, ова сеќавање останува жива обврска.
„Обврска да се почитува споменот на жртвите. Обврска да се поддржат семејствата. Обврска да се продолжи борбата за закрепнување на повредените. И обврска трагедијата да се претвори во поука од која ќе произлезат посилни институции и побезбедно општество“,
кажа премиерот.
