Според најавите, ветровите ќе бидат доволно силни за да предизвикаат брзо ширење на пожарите, поради што повторно е издадено црвено знаме, односно предупредување за особено опасно ситуација во окрузите Вентура и Лос Анџелес
Лос Анџелес се подготвува за натамошно борба со пожарите кои се закануваат со дополнително опустошување на областа, овој пат засилени од ветрови со голема брзина кои според американските метеоролошки служби се очекува да почнат да дуваат уште во текот на денешниот ден, пренесуваат светските медиуми.

Во меѓувреме, двата огромни пожари кои го зафатија градот продолжуваат да горат. Најголемиот е оној во Палисејдс, кој пеплоса површина од повеќе од 23 000 хектари и според последните информации од синоќа е локализиран само 14 отсто.
Досега во огнените стихии животите ги загубија 24 луѓе, а 23 се водат како исчезнати во опожарените зони во Итон и Палисејдс.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, изјави дека се прават итни подготовки пред налетот на ветровите со ураганска брзина, кои, како што вели, може да донесат „експлозивен раст на пожарите“.
Силните ветрови се очекува да го достигнат врвот од денеска до средината на среда. Според прогнозата, ќе дуваат од Санта Ана од североисточен правец, со постојана брзина од 50 до 65 километри на час, со можно налети кои ќе се движат од 90 до 120 километри на час.
Ветровите се очекува да донесат многу сув воздух, со нивоа на влажност од само 10 отсто, па дури и помалку.
Според најавите, ветровите ќе бидат доволно силни за да предизвикаат брзо ширење на пожарите, поради што повторно е издадено црвено знаме, односно предупредување за особено опасно ситуација во окрузите Вентура и Лос Анџелес.
Ретката комбинација на екстремно ниска влажност и многу силен ветер ќе создаде временски услови за критично ширење на пожарите.
Претставник на противпожарната служба на Калифорнија за Си-ен-ен изјави дека се во состојба на готовс поради опасноста од дополнителна катастрофа поради силните ветрови кои се очекуваат денеска и кои најверојатно ќе ја зафатат долината помеѓу областа Вентура и Сан Диего.
Дејвид Акуна, портпарол на калифорниската противпожарна служба, додава дека заканата од шумски пожари најверојатно нема да исчезне наскоро.
Прашан за проценка на ризикот за следните недели и месеци, тој вели дека противпожарната служба веќе не го користи терминот „сезона на пожари“, кој означува период од годината кога се очекува да има пожари.
„Сега ја нарекуваме година на пожари“,
вели тој.
Во меѓувреме, полициските сили на Лос Анџелес се справуваат со случаи на грабежи и подметнати пожари. Локалните власти вчера објавија дека уапсени се девет лица поради грабежи во напуштените или оштетени имоти од пожарите, кои и понатаму остануваат ранливи за овој вид криминал.