„360 степени“ ги објавува правилникот и образецот за собирање потписи за кандидатури за градоначалници и за советници. Но, иако изборниот процес, практично, почна уште на 6 август, со распишувањето на изборите, и натаму е отворена можноста за промена на изборните правила среде „натпревар“
В понеделник почнува собирањето потписи во подрачните единици на ДИК и евентуално кај нотар за оние кои, без партиска поддршка, се заинтересирани да се вклучат во изборната трка за градоначалници и за советници. Стартот на оваа фаза од изборниот процес е според старите правила, така што, во зависност од големината на оштината, треба да се соберат од 100 до 450 потписи.
Од ДИК тврдат дека веќе се подготвени образците за собирање на потписите, а дека во наредните денови ќе биде објавено и дополнително соопштение за постапката, согласно со правилникот што Комисијата го ажурираше за дополнителните локални избори за градоначалници на Штип и на Пласница, што се одржаа во декември минатата година. Со оглед на тоа што, во меѓувреме, немаше измени на Изборниот законик во овој контекст, како што велат во ДИК, останува истиот правилник, што ќе биде ажуриран во делот на датумите.
Правилникот на ДИК за собирање потписи на локални избори е достапен на овој ЛИНК.
Потенцијалните кандидати за градоначалници и за членови на советите во општините и во градот Скопје, на годинашниве избори, стартуваат од иста позиција како и на минатите циклуси локални избори. Поточно, тие ќе треба да соберат од 100 до 450 потписи во зависност од бројот на жители во нивната општина.
На 6 август, кога спикерот Талат Џафери ги распиша локаните избори, пратениците веќе беа заминати на годишен одмор, а претходно не успеаја да ги донесат измените во Изборниот законик, кои, меѓу другото, предвидуваа праг од два процента од бројот на регистрирани гласачи во одредена општина за поддршка на независните кандидатури за претстојните избори. Токму овој предлог, за кој од Министерството за правда тврдеа дека има консензус меѓу парламентарните партии, предизвика многу реакции во јавноста, со оглед на тоа што значи значително зголемување на потребната поддршка за обезбедување кандидатура на избори, наспроти досегашниот праг кој е варијабилен.
На прашање за можни измени на Изборниот законик, Џафери тогаш изјави дека, во најмала рака, би било политички некоректно да се менуваат изборните правила за процес кој е веќе во тек, затоа што изборите се распишани.
Од следната седмица пратениците се враќаат на работа и не се исклучува можноста на некоја од идните седници на дневен ред да се најдат измени на Изборниот законик.
Од ДИК велат дека тие го подготвиле роковникот за спровдување на изборните дејствија согласно со важечкиот Изборен законик и тој роковник е веќе на сила. Сепак, како што велат, во случај да има законски измени, ДИК ќе треба да донесе корекции на Роковникот.
Соговорници од ДИК, од една страна, велат дека, сепак, не очекуваат позначителни промени во Изборниот законик, кои би ги нарушиле веќе преземените дејствија, освен што би се имплементирале препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Од друга страна, посочуваат дека и да има промени во делот на собирањето потписи, тоа би можело да се изведе затоа што потписите што би биле собрани во меѓувреме, би важеле и натаму.
Според роковникот што ДИК го донесе вечерта на 6 август, собирањето потписи почнува на 16 август, а ќе трае до 30 август на полноќ, поточно 15 дена. Рокот за доставување на кандидатурите за градоначалници и на листите за советници, пак, истекува на 11 септември на полноќ, независно дали станува збор за кандидати на партии/коалиции или на група избирачи.