Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, во синоќешното интервју за ТВ 21 рече дека министерот за правда нема право да бара записник од седница на Судскиот совет бидејќи на тој начин доаѓа до судир на извршната и судската власт
Еден ден по разрешувањето на Весна Дамева од претседател на Судскиот совет, кое се случи на 26 април, Министерството за правда побара увид во записникот од седницата на која таа беше разрешена, но до денеска, како што велат оттаму, не го добиле записникот
Министерот за правда Кренар Лога вели дека е изненаден од изјавата на претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски, во која тој вели дека министерот за правда нема право да бара записник од седница на Судскиот совет бидејќи со тоа доаѓа до судир на извршната и судската власт.
Јолевски ова го изјави во синоќешното интервју за ТВ 21, одговарајќи на прашањето дали министерот за правда има право да го побара записникот од Судскиот совет – нешто кое министерот Кренар Лога го направи, барајќи го записникот од седницата на која беше разрешена претседателката на Советот, Весна Дамева.
„Министерот за правда е извршна власт. Судската власт е посебна и тука веќе има мешање на властите. Според мене, министерот за правда нема овластувања во делот на судската власт. Зошто е побаран овој записник и дали Судскиот совет ќе му го достави, тоа е, сепак, работа на Судскиот совет“,
вели Јолевски во интервјуто за ТВ 21.
Ваквата изјава на претседателот на Советот на јавни обвинители денеска ја демантира министерот за правда Кренар Лога, велејќи дека не очекувал Јолевски, како висок претставник на судската власт, да не ги знае законите и Уставот. Согласно Уставот, вели Лога, министерот за правда е и член на Судскиот совет, а оттука има право да реагира и да бара да му биде доставен записник од седница на Советот.

„Членот 15 од Деловникот на Судскиот совет предвидува дека записникот, покрај останатите податоци, содржи податоци за дневниот ред што е утврден на седницата, наводите, изјаснувањата и предлозите на присутните на седницата, спроведената расправа, донесените одлуки и резултатот од гласањето. Записникот се разгледува и усвојува на седница на Советот, а по евентуални забелешки, Советот донесува заклучок којшто е составен дел на записникот на кој се однесувала забелешката. Усвоениот записник од седницата на Советот го потпишуваат претседателот на Советот и генералниот секретар, односно лицето што го водело записникот. Судскиот совет има обврска примерок од записникот да достави до членовите на Судскиот совет по електронски пат“,
вели Лога во демантот на изјавата на Јолевски.
Еден ден по разрешувањето на Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет, кое се случи на 26 април, Министерството за правда побара увид во записникот од седницата на која таа беше разрешена, но до денеска, како што велат оттаму, не го добиле записникот.
„До овој момент до Министерството за правда сè уште не е пристигнат одговор на писмениот допис од Судскиот совет со кој се бараше да се достават на увид Записникот од 438-та седница и усвоениот дневен ред“,
се вели во соопштението на Правда.
Дамева беше разрешена од претседателка на Судскиот совет на 26 април на иницијатива на нејзиниот заменик Селим Адеми. Заедно со него, „за“ нејзино разрешување гласаа уште шест члена на Судскиот совет.
Кога ја разрешија, таа реагираше дека не може да го направат тоа со седум гласа ако за избор на претседател се потребни најмалку осум. Ниту во Законот за Судски совет ниту во Деловникот за негова работа нема предвидено процедура за разрешување на претседателот на Советот.
Во таа насока беа и јавните реакции кои пристигнаа од стручната јавност – со оглед на тоа што нема предвидено процедура, за да се отстрани од претседателската функција, Дамева треба да биде разрешена како член на Судскиот совет. За тоа, пак, е потребна дисциплинска постапка која трае одреден период и предвидува и нејзин одговор како странка.
Реакции во врска со случувањата во Судскиот совет:
- Пратениците веднаш да иницираат интерпелација за претседателката и заменик-претседателот на Судскиот совет, сугерира Денис Прешова
- Пендаровски: Сцените во Судскиот совет не му доликуваат на тело со толку одговорна улога
- Ковачевски ги повика членовите на Судскиот совет да пријават ако некој им се мешал во работата
- Мицкоски за случувањата во Судскиот совет: Вандализам и вагабонство на отворена сцена
- Грковска очекува надлежните да покренат постапки за случувањата во Судскиот совет
- Министерството за правда бара увид во Записникот од вчерашната седница на која беше разрешена Дамева
- ДКСК изрази сериозна загриженост за случувањата во Судскиот совет – очекува реакција од релевантните државни субјекти
- Претседателката на Врховен: Да се реши состојбата во Судскиот совет
- По случувањата во Судскиот совет, Амбасадата на САД очекува независно и одговорно судство без разлика кој е во раководството
- Гир: Последните случувања во правосудството не се во насока на она што ЕУ го очекува од С Македонија