На средбата, меѓу другото, се разговараше за постапката која е во тек во ова Обвинителство во врска со тендерот за набавка на модуларните болници, во рамките на која се преземаат дејствија со цел испитување на сите околности, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, се наведува во соопштението од Министерството за правда

Постапката која е во тек во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во врска со тендерот за набавка на модуларните болници, била една од темите на разговор на денешната средба на министерот за правда Кренар Лога и шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази.
„На средбата меѓу другото се разговараше за постапката која е во тек во ова Обвинителство во врска со тендерот за набавка на модуларните болници, во рамките на која се преземаат дејствија со цел испитување на сите околности, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“,
се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Лога и Абази дискутирале и за новата Стратегија за развој на правосудниот систем 2023–2027, како и за реформите кои ќе бидат опфатени со неа.
Јавниот обвинител Абази, како што соопшти Министерството за правда, го информирал министерот Лога дека е финализирана последната јавна набавка за уредување на новиот објект во кој наскоро ќе се пресели Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
„Во овој објект значително ќе бидат подобрени просторните услови за работа на јавните обвинители, а ќе биде опремена и современа форензичка лабараторија која значително ќе го олесни вештачењето на доказите“,
истакнал Абази.
Координативни средби, како што е наведено во соопштението од Министерството за правда, ќе продолжат да се одржуваат и во наредниот период.
За постапките што се водат во тетовското обвинителство и во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово, министерот Лога вчера имаше средба и со државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, но немаше детали за што конкретно зборувале.
Случајот со пожарот во тетовската модуларна болница повторно стана актуелен во јавноста откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави документарен филм кој открива дека првиот тендер за избор на изведувач на модуларните болници бил поништен поради сомневања на Министерството за локална самоупрва за недоследности во постапката и фаворизирање одредени фирми, по што Владата му ја доверила надлежноста за спроведување на набавката на Министерството за здравство. Лицето кое ја потпишало спорната техничка спецификација, од Министерството за здравство преминало да работи во „Брако“, фирмата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници.
Документите што се презентираат во документарецот, како што се наведува, го содржат можеби и најважниот доказ кој покажува дека и Министерството за здравство и изведувачот биле свесни дека објектите се супстандардни. Имено, непосредно по пожарот во Тетово, изведувачот „Брако“ ќе побара од Министерството за здравство повеќе пари за да може да ги зајакне безбедносните стандарди за модуларните објекти кои сè уште се во градба.
Инаку, за модуларната болница имаше судски предмет кој заврши со една ослободителна пресуда за доктор од тетовската болница и условни казни затвор за директорот и економскиот директор. Но, како што се наведува и во документарецот на ИРЛ, ова не бил предмет за причините за пожарот, туку за непостапување според здравствени протоколи.
Вчера во Тетово се одржа протест на кој граѓаните побараа разрешување на државниот обвинител Јовески и правда за жртвите во трагедијата во модуларната болница.
Оставка од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, денеска, побара и Платформата на граѓански организации за борба против корупција поради досегашниот начин на постапување во случајот со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица.
Нивни претставници денеска се собраа пред зградата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија каде што ги кажаа аргументите за ваквото барање, повикувајќи се на наводите во документарниот филм што го објави Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).