Случајот на кој се повика Лога на денешниот брифинг со новинарите се однесува на пресуда на ЕСЧП во врска со судија на Националниот судски совет на Полска, кој бил отстранет од институцијата пред да му заврши мандатот. Судот во Стразбур пресудил во негова корист и утврдил дека последователните судски реформи, вклучително и онаа на Националниот совет во Полска што влијаеле на судијата, имале за цел слабеење на независноста на судството во земјата
Прашан што ќе работи откако веќе нема да биде министер за правда, Лога рече дека прво ќе мора да одмори, а потоа со пријатели размислува да формираат и да основаат институт како невладина организација преку кој ќе ги следат и ќе даваат свои видувања и оценки за чекорите што ќе ги презема новата власт во областа на правосудството. Во овој контекст, тој рече: „Ќе бидеме огледало на наредната власта. Значи, ќе ги следиме сите чекори. Знаеме до запирка што имаме напишано и до запирка ќе бараме отчетност“
Заменик-министерката за правда во заминување, Викторија Аврамовска-Мадиќ, која исто така беше присутна на брифингот, рече дека и таа ќе одмори, а потоа се враќа на старото работно место – државен советник во Судскиот совет
Министерот за правда во заминување, Кренар Лога, ги искористи последниот брифинг и прес-конференција со новинарите да му порача на мандатарот и извесен претседател на новата влада, Христијан Мицкоски, дека најавите за распуштање на Судскиот и Советот на јавни обвинители не се добар правец за реформа на правосудниот систем и дека со тоа се загрозува независноста на овие институции.

Како поткрепа на овие свои позиции и ставови во јавната полемика што ја води со мандатарот за состав на новата влада, Лога се повика на два документа кои, како што посочи, покажуваат дека доколку овие две тела, кои се задолжени за оценување и разрешување на судии односно обвинители, бидат распуштени, тоа може да доведе до покренување случаи пред домашните судови, но и пред Европскиот суд за човекови права.
Првиот документ на кој се повика министерот за правда во заминување е пресуда токму на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а во врска со интервенциите што во судската власт во Полска ги имаше до неодамна владејачката партија Право и правда и кои беа остро осудени и од институциите на Европската Унија.
Конкретниот случај се однесува на пресуда на ЕСЧП во случајот „Гржеда против Полска“. Имено Гржеда е судија на Националниот судски совет на Полска кој бил отстранет од институцијата пред да му заврши мандатот, а не добил ниту можност за судска ревизија на ваквата одлука.
„Судот утврди дека последователните судски реформи, вклучително и онаа на Националниот совет што влијаеше на г. Гржеда, имале за цел слабеење на независноста на судството. Таа цел била постигната со тоа што судството било изложено на мешање отстрана на извршната и законодавната власт“,
се наведува во пресудата на ЕСЧП на која се повика Лога.
Вториот документ што го покажа министерот беше исто така пресуда, но од домашен суд. Станува збор за пресуда на Управниот суд во врска со разрешувањето на членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос втор степен. Управниот суд, како што рече Лога, утврдил дека Собранието донело незаконска одлука за прекин на мандат, а лицата што биле опфатени со одлуката по ваквата пресуда добиле и финансиски обесштетувања во граѓанска постапка.
„Денеска имав можност да споделам со новинарите други документи и две битни пресуди од домашни институции, а исто така и од Европскиот суд за човекови права. И во првиот и во вториот предмет се докажува дека не може да се направи прекин на мандат на институција која е загарантирана со Уставот. Го имаме првиот документ од Европскиот суд за човекови права. Значи, предметот е ‘Гржеда против Полска’ каде што децидно се вели дека била загрозена судската независност. Вториот документ ние го имаме од Управниот суд на Република Северна Македонија врзано со Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка во работен однос во втор степен. Значи, имаме две пресуди што ни докажуваат дека не треба да има прекин на мандат или распуштање на овие уставни органи (Судскиот и Советот на јавни обвинители н.з.)“,
изјави Лога.

На брифингот Лога се осврна и забелешките во медиумите дека и тој пред една година ја имал „истата логика“ што сега ја најавуваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, за распуштање на Судскиот совет, што тој ги оцени како неточни. Образложувајќи ја тогашната своја позиција, министерот за правда во заминување рече дека неговиот предлог бил престанокот на мандат на член на Советот и евентуална негова одговорност да ја утврди институцијата која го предложила членот и тој бил избран на функцијата од страна на Собранието. Односно, оние двајца члена што биле избрани на предлог на претседателот на државата да бидат повикани на одговорност од него, оние што се предложени од редот на судии тие да одлучуваат дали добро ја извршува функцијата и да му прекинат мандатот доколку тоа не е случај.
„Тогаш во формалните и неформалните дискусии со Здружението на судии беше идејата тие да имаат можност да повикуваат на одговорност и да даваат отчет кон нивното собрание. Значи, разликата е огромна. Тука имаме само со еден член од законот, само распуштање Судскиот совет, тогаш беше нешто друго“,
рече Лога на брифингот.
Сепак, ваквите предлози, како што кажа, тогаш не наишле на одобрување од претставниците на меѓународните партнери.
„Ни беше кажано – ‘немојте сами тоа да го направите, имаме пракса со земји од Источна Европа, ќе имате Оценска мисија и после Оценската мисија вие ќе може да продолжите понатаму’. Стратегијата (за реформи во правосудството за периодот 2024-20278 година) ни беше готова уште во август минатата година, ние требаше да чекаме скоро три-четири месеци додека да стигне извештајот од Оценската мисија за да се затвори Стратегијата и нејзините препораки да се внесат во неа“,
рече Лога.
На новинарска забелешка дека и тој беше во вербална војна со Судскиот совет, а сега на крајот на мандатот како министер на некој начин стана негов бранител, Лога рече дека тој продолжува да не се согласува со начинот на работа на Судскиот совет, но, како што додаде, правилата мора да се почитуваат од сите страни.
„Јас бев во таква наводна војна и со претседателката на Уставниот суд, но кога требаше да се брани јас бев на нејзина страна, Така што, и денеска јас продолжувам да сум против начинот на работење на Судскиот совет, но правилата треба да се испочитуваат од сите страни. Затоа имаме закон, затоа имаме Устав. Јас не ги бранам нив поединечно, ниту како колективен орган, туку само правилата како би требало да дојдеме до нивна одговорност. Значи, тоа што јас сум бил во војна со нив, таа војна ќе продолжи и понатаму и не само од оваа позиција, туку и надвор од институцијата. Таа војна за владеење на правото ќе продолжи со кој било орган. Мене ми е жал што треба да имаме ваква дискусија во јавноста, но веќе се чувствува атмосферата во судската фела како притисок на новото мнозинство со можно распуштање и донесување на нивни луѓе“,
рече Лога на брифингот, кој беше затворен за камери.
На кратката прес-конференција што тој ја одржа потоа, Лога му посака успех на идниот министер за правда и на мандатарот и извесен иден премиер, на кои им порача да бидат отворени и да побараат совет од него бидејќи, како што рече, не е грешка да се признае вина или да се прими совет од политички противник.
„И на мандатарот и на другите министри им посакувам успех. Не е грешка ако признаете вина, не е грешка ако примите совет од вашите политички противници. Јас советувам дека треба да биде помирен со тоа како треба да ги прифати сите решенија. Уште кога се отвори прашањето за Изборниот законик, ВМРО-ДПМНЕ доби покана и можност да има претседател на таа работна група и до последен момент кога беше отворено прашањето за планот за раст од Европска Унија беа поканети, но за жал не беа присутни“,
рече министерот за правда во заминување.

Инаку, Лога на брифингот информира дека од денеска до 26 јуни ќе користи годишен одмор, а ќе се појави за примопредавањето на функцијата на својот наследник.
На прашањето што ќе работи откако веќе нема да биде министер за правда, Лога рече дека прво ќе мора да одмори, а потоа со пријатели размислува да формираат и да основаат институт како невладина организација преку кој ќе ги следат и ќе даваат свои видувања и оценки за чекорите што ќе ги презема новата власт во областа на правосудството.
„Така што, ќе бидеме огледало на наредната власта. Значи, ќе ги следиме сите чекори. Знаеме до запирка што имаме напишано и до запирка ќе бараме отчетност“,
порача Лога.
Заменик-министерката за правда во заминување, Викторија Аврамовска-Мадиќ, која исто така беше присутна на брифингот, рече дека и таа ќе одмори, а потоа се враќа на старото работно место, во Судскиот совет.
„Ќе одморам еден месец и се враќам на старо работно место во администрација. Државен советник во Судскиот совет“,
рече таа.