Освен оваа информација, министерот за правда Кренар Лога во писмото бара поддршка од меѓународната заедница во земјава за заштита и унапредување на човековите права бидејќи, како што вели, токму таа се залага за почитување на владеењето на правото
Министерот за правда Кренар Лога испратил писмо до Американската амбасада, Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ и Програмската канцеларија на Советот на Европа во земјава во кое ги информирал за неспроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од страна на Бугарија.
Освен информацијата за неспроведувањето на пресудите на ЕСЧП, во писмото било посочено оти Министерството за правда бара поддршка од меѓународната заедница за заштита и унапредување на човековите права.
„Исполнувањето на оваа цел подразбира постоење на континуирана заложба и за доследно почитување на меѓународните обврски кои Северна Македонија ги има преземено како земја која моментално е во процесот на евроинтеграции. Почитувањето на меѓународни документи е исклучително важен сегмент за кој особено земјите членки на ЕУ, но и земјите кои претендираат да добијат членство во ЕУ, е неопходно да се залагаат“,
се вели во соопштението на Министерството за правда.
Во соопштението на Правда се додава дека меѓународната заедница е исклучително важен партнер на земјава кој се залага за почитување на владеењето на правото, а оттука како важно за актуализирање се споменува прашањето за неспроведувањето на пресудите на ЕСЧП од страна на Бугарија.