Решението, потпишано од министерот за правда, понатаму, ќе се достави до Централен регистар на Република Северна Македонија за понатамошно постапување, велат од Министерството

По даденото негативно мислење за употреба на името на цар Борис Трети во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид, од страна на Комисијата за употреба на имиња на личности, министерот за правда Кренар Лога денеска го потпиша решението за неусогласеност.
„Министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис Трети во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид“,
се наведува во соопштението испратено од Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека Министерството за правда постапува согласно одредбите од Законот за здруженија и фондации притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности. Решението, понатаму, како што наведуваат од Министерството за правда, ќе се достави до Централен регистар на Република Северна Македонија за понатамошно постапување.
Пред два дена Комисијата за употреба на имиња на личности на седница, даде негативно мислење за употреба на името на цар Борис Трети во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид. Оттаму сметаа дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.
Во образложението, Комисијата наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно е потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рајх и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.
Согласно Законот за здруженија и фондации, кој беше донесен по скратена постапка во ноември 2022 година, бугарските клубови се обврзани да побараат пререгистрација или, во спротивно, им се заканува укинување. Рокот за поднесување на барањето истече на 16 февруари.
Според измените на Законот за здруженија и фондации, се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако ќе донесе одлука министерот за правда.