Надзорот врз функционалноста на системот за движењето на предметите, што се предлага, треба да придонесе за следење на состојбите во јавните обвинителства, од екипираноста со човечки ресурси до просторните и технички услови, велат од Правда, а ќе го врши комисија чија улога ќе биде само во делот на функционалноста на системот и распределбата на предметите, но ќе нема увид во самите предмети
Од Јавното обвинителство за „360 степени“ велат дека во моментов распределбата на предметите се врши според Законот за кривична постапка и Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства бидејќи постојниот систем за електронско водење на предметите (Case Management System) е застарен и не е соодветен на потребите. Причината за тоа е што софтверската програма за потребите на електронската распределба на предметите треба да биде компатибилна со програмата за управување со предмети во јавното обвинителство, но средства за изработка на таков софтвер досега не се обезбедени од државниот буџет
Изготвување и донесување предлог-закон за измена на Законот за јавно обвинителство во насока на воспоставување на надзор врз функционалноста на информатичкиот систем за управување со движењето на предметите на јавните обвинителства била една од темите на координативна средба што министерот за правда Кренар Лога ја одржал со претставници на повеќе надлежни институции, политички партии и на невладиниот сектор.

Имено, како што информираа денеска од Правда преку писмено соопштение, на средбата со Лога присуствувале вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, претседателите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, Сашко Георгиев, односно Душица Димитриеска, потоа републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, шефовите на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство Скопје, координаторите на поголемите политички партии во Собранието, претставници од невладиниот сектор и експерти од проектот „Владеење на правото“.
На средбата, иако поканет, не присуствувал координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Од Правда велат дека поканата до нив останува отворена за наредните состаноци, како и за сите други средби и работни тела.
Предлог-законското решение, односно потребата од измени на Законот за јавно обвинителство за кое станало збор, според Лога, е во насока на подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавното обвинителство.
Било констатирано дека актуелниот информатички систем за движење на предметите има недостатоци и не ги дава очекуваните резултати.
„Ова предлог законско решение претставува континуитет на она што пред мене е направено, а истовремено со самото доаѓање на функција министер за правда уште на почетокот од мојот мандат се залагам за зголемување на транспарентноста и подобрување на ефикасноста и ефективноста на јавното обвинителство како најважна алка во правосудниот систем“,
истакнал Лога на средбата, се наведува во соопштението на Правда.
На средбата станало збор и биле донесени заклучоци и за други теми од областа на правосудството, меѓу кои и за изготвување нов закон за јавнообвинителската служба.
Во своето излагање министерот Лога предложил насоки за новите измени кои ќе ги разгледува работна група која ќе се формира и ќе работи на нивна изработка.
Насоките на Лога се сумирани во три точки, според кои надзорот врз функционалноста на системот за движењето на предметите, што се предлага, треба да придонесе за следење на состојбите во јавните обвинителства, од екипираноста со човечки ресурси до просторните и технички услови.
Надзорот ќе го врши комисија, чија улога ќе биде само во делот на функционалноста на системот и распределбата на предметите, но ќе нема увид во самите предмети.
„Министерството за правда како орган на извршната власт е надлежна за обезбедување оптимални услови за функционирање на органите на правосудниот систем и поради таа причина надзорот ќе придонесе кон следење на состојбите во јавните обвинителства од екипираноста со човечки ресурси до просторните и техничките услови за функционирање на јавните обвинителства;
Комисијата ќе врши надзор единствено над функционалноста на системот и начинот на распределбата на предметите, а не и увид во самите предмети. На тој начин нема да се наруши независноста на јавното обвинителство;
Комисијата за надзор во записникот предлага препораки за подобрување на условите во јавните обвинителства што претставува добра основа за преземање натамошни активности за подобрување на состојбите во правосудниот систем“,
се наведува во соопштението на Министерството за правда.

Инаку, покрај автоматизираниот систем за управување со судските предмети – АКМИС, информатички систем за движење, односно распределба на предметите е предвидено да има и во Јавното обвинителство.
Ова е регулирано со членот 107 од Законот за јавно обвинителство донесен на почетокот на 2020 година.
Во ставот 1 од членот се наведува „во Јавните обвинителства се формира информатички систем како дел од единствениот информатички центар со база на податоци за правосудните органи во Република Северна Македонија“.
За одржувањето на единствената методолошка и технолошка основа на информатичкиот систем на јавните обвинителства се грижи Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
„Распределбата на предметите во јавното обвинителство се врши преку систем за електронска распределба на предметите“,
се наведува во ставот 3 од членот, додека во следниот и последен став 4 стои:
„Начинот на распределбата на предметите се уредува со подзаконски акт кој го донесува Јавниот обвинител на Република Северна Македонија“


Според актуелниот подзаконски акт, односно Правилникот за начинот на распределба на предметите во јавните обвинителства преку електронскиот систем е предвидено формирање на постојано работно тело за стандардизација на постапките при користење на системот.
Работното тело според став 2 од членот 4 на Правилникот е составено од тројца информатичари вработени во јавните обвинителства, по еден претставник од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од секое вишо јавно обвинителство, од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), од Основното јавно обвинителство Скопје и тројца претставниците од другите основни јавни обвинителства.
За примената на системот, според членот 7 од Правилникот, надзор врши тричлена комисија што ја формира републичкиот јавен обвинител од членовите на работното дело дефинирано во членот 4 и за евентуални воочени недоследности го известува јавниот обвинител на РС Македонија.


Дали ваквиот информатички систем функционира и кој е нивниот став во врска со предлог-законското решение на Лога денеска прашавме во Јавното обвинителство.
Оттаму во одговорот за „360 степени“ велат дека во моментов распределбата на предметите се врши според Законот за кривична постапка и Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства бидејќи постојниот систем за електронско водење на предметите (Case Management System) е застарен и не е соодветен на потребите.
Од Јавното обвинителство објаснуваат дека софтверската програма за потребите на електронската распределба на предметите треба да биде компатибилна со програмата за управување со предмети во јавното обвинителство, но средства за изработка на таков софтвер досега не се обезбедени од државниот буџет.
„Правилникот за начинот на распределба на предметите во јавните обвинителства преку електронскиот систем системот за електронска распределба на предметите, софтверската програма за потребите на електронската распределба на предмети треба да биде компатибилна со програмата за управување со предмети во јавното обвинителство, а средствата за изработка на софтверската програма да се обезбедат од буџетот на Република Северна Македонија (член 13). Меѓутоа во Буџетот на Република Северна Македонија не се обезбедени средства за таа намена. Во моментов, распределбата на предмети во Јавното обвинителство се врши во согласност со Законот за кривична постапка и Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства. Постојниот систем за електронско водење на предметите (Cаse Management System) е веќе застарен и не е соодветен на потребите на јавнообвинителското постапување. Можностите за негова надградба се испитуваат“,
велат од Јавното обвинителство за „360 степени“.

Од тие причини, се додава, Јавното обвинителство во рамките на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, веќе спроведува анализа на системот за електронско водење на предметите и „за потребата од креирање на посоодветен електронски систем за управување со предметите“.
„И според Јавното обвинителство и според европските експерти, приоритет на електронскиот систем мора да биде заштита на независноста на Јавното обвинителство и доверливоста на постапките“, велат од Јавното обвинителство.
На средбата во Министерството за правда, ставот што го изнел републичкиот јавен обвинител Јовески, како што ни одговорија од Јавното обвинителство, бил дека:
„…имајќи ја предвид специфичната истражувачка улога на јавниот обвинител при обезбедување на доказите во предистражната и истражната постапка, не би можело да се воведе идентичен систем на судскиот АКМИС во работата на јавните обвинителства“
Инаку, Јавното обвинителство, односно републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески и министерот за правда Кренар Лога влегоа во остра јавна преписка околу Извештајот за работата на јавните обвинителства за 2022 година.
Министерството за правда во мислење во врска со извештајот излезе со низа забелешки, на што од Јавното обвинителство вчера излегоа со реакција во која меѓу другото беше наведено дека, ако ресорниот министер дека би било најдобро својата загриженост за ефикасноста на постапките да ја демонстрира со квалитетни предлози за законски решенија за состојбите со долготрајност на вештачењата, што е една од најчестите причини за траењето и на предистражните и на истражните постапки.
Министерот за правда минатата недела информира за формирање работна група за изготвување закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет.
Како повод за ваквиот потег на министерот беше наведен најновиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2023 година, во кој се нотирани слабости во судството, а Судскиот совет во овој контекст е споменат во повеќе наврати.