Според неа, Протоколот ја нема поминато легалната процедура за негово договарање, усвојување од страна на Владата, потпишување, собраниска ратификација и објава во Службен весник
Поранешната пратеничка и поранешна претседателка на Демократската обнова за Македонија (ДОМ), Лилјана Поповска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија.

Објаснувајќи ги причините за поднесување на иницијативата до Уставниот суд, Поповска предлага да се донесе одлука за негова ништовност, поради прекршување на 14 членови од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, два члена од Законот за надворешни работи и три члена од Уставот. Меѓу прекршените членови од Уставот, според неа, е и членот 8 што се однесува на темелните вредности на уставниот поредок, во делот на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Потсетува дека Протоколот е правен акт потпишан од министрите за надвореешни работи на Македонија и Бугарија, врз основа на членот 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
Според неа, Протоколот ја нема поминато легалната процедура за негово договарање, усвојување од страна на Владата, потпишување, собраниска ратификација и објава во Службен весник.
„Протоколот не е полноправен акт потврден од парламентот, туку е само записник од состанок на меѓувладина комисија. Како правно ништовен документ, Протоколот не смее да наметнува штетни дејствија диктирани од соседна земја, ниту на Македонија да и задава крајно непренципиелни и понижувачки обврски, што задираат длабоко во темелите и содржината на македонската држава, нација, историја, идентитет“,
вели Поповска.
Нејзина оценка е дека Протоколот не е правно валиден документ поради најмалку седум правни прекршувања.
„Важно е да се утврди официјално ништавноста на документот, а потоа да се отвори транспарентен и правно издржан процес за нов, правно валиден протокол за спроведување на Договорот за пријателство, што ќе води сметка за достоинството и интересите на двете страни“,
кажа таа.
Само таков, како што објаснува Поповска, може да се ратификува во Собранието и да произведе правни дејствија во насока на пријателство и добрососедство.
Дотогаш, според неа, останува меѓународно важечки постоечкиот Договор за пријателство и добрососедство, кој без овој Протокол не може да ги произведе овие штетни дејствија.