Според премиерот, и претходната средба меѓу него и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, била успешна, но она што беше кажано на прес-конференцијата по неа не било потврдено од партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ
Околу прашањето за нова лидерска средба неодамна говореше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека таа е можна, но само доколку на неа се разговара за датум за предвремени парламентарни избори и динамиката на законските измени во делот на техничката влада
Според премиерот Димитар Ковачевски, нова лидерсдка средба меѓу него и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски може да има во секое време доколу има нешто ново во однос на продолжувањето на евроинтегративниот процес.

Ковачевски, ова денеска го изјави одговарајќи на новинарски прашања по пушатањето во употреба на детска градинка во Општина Карпош, посочувајќи дека и претходната лидерска што се одржа на 7 јуни, според него била успешна, но она што било кажано на прес-конференцијата по неа не било потврдено од партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ.
„Директна комуникација пратениците имаат секојдневно во Собранието и тоа е најнормална комуникација. Лидерска средба, доколку има нешто ново во однос на продолжувањето на евроитеграциите, може да има во секое време, на којашто ќе се разговара за аргументите. Ние ги кажавме нашите аргументи. Последната лидерска средба според мене беше успешна, меѓутоа она што беше јавно кажано на прес-конференцијата подоцна не беше и финално потврдено од телата на ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од СДСМ и ДУИ и другите во владината коалиција кои точно го потврдија со свои одлуки тоа што беше кажано на таа лидерска средба“,
изјави денеска Ковачевски.
Говорејќи во тој контекст, тој изрази задоволство што процесот на уставни измени е започнат во Собранието, потсетувајќи дека тоа го поздравиле и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Уставни измени за коишто гледате дека нема никакви коментари во однос на содржината на самите амандмани, бидејќи не задираат во ниту едно идентитетско прашање на македонскиот народ, туку напротив, го зацврстуваат мултиетничкиот карактер на државата и за првпат се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ и другите народи, вклучително и бугарскиот народ, што досега не било направено, честопати не по наша волја, туку по волја на нашите соседи“,
рече Ковачевски.
Како важни аспекти поради кои е исклучително важно државата да го продолжи своето евоинтегрирање тој ги наведе економскиот и геостратешкиот.
„Ние во моментов имаме прегрупирање во светот каде точно се идентификуваат државите коишто ги застапуваат западните вредности и кои се во сојуз со западните демократии и држави кои не се во сојуз со западните демократии и кои застапуваат некакви други вредности. Сметам дека Северна Македонија како земја членка на НАТО ги застапува тие вредности и треба да го валоризра тоа со членство во Европската Унија пред сè заради своите граѓани и затоа разговорите ќе продолжат на сите нивоа со цел да се обезбеди поддршка на овој исклучително значаен процес“,
рече Ковачевски.
Тој потсети на изјавата на заменик-помошникот државен секретар на САД, Грабриел Ескобар, дадена во интервју за „360 степени“ дека не се бара поддршка за Владата, туку за европскиот пат.
„Ние не бараме поддршка за Владата, мене не ми треба поддршка за мене од опозицијата, опозицијата постои за да не го поддржува премиерот, тие постојат за да не ја поддржуваат Владата. Каква би била таа опозција којашто поддржува премиер, тогаш тоа не е опозиција, меѓутоа опозицијата има одговорност да ја поддржи визијата, целта и стратегијата на граѓаните и на државата во кој правец ќе се движи. Тоа е одговорност на секоја опозиција. И ние како партија сме биле опозиција и секогаш сме биле одговорни во однос на остварувањето на стратешките цели на државата, а ВМРО-ДПМНЕ нема поддржано ниту една стратешка одлука на државата“,
рече Ковачевски.
Ова, како што порача тој, треба да биде моментот кога опозицијата треба да се охрабри и да поддржи „барем еднаш стратешка одлука за државата којашто ќе обезбеди подобра иднина за граѓаните“.
Околу прашањето за нова лидерска средба со премиерот и лидер на СДСМ, Ковачевски, неодамна говореше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека таа е можна, но само доколку на неа се разговара за датум за предвремени парламентарни избори и динамиката на законските измени во делот на техничката влада. Според Мицкоски, како што кажа тој пред една недела, од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени на брзи парламентарни избори без техничка влада и сега, како што вели, само тоа е на маса.
За потсетување, пленарната седница за уставните измени почна на 18 август, кога со 70 гласови „за“, 47 против и ниту еден воздржан беше усвоен дневниот ред, а по два и полчасовна дискусија, претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето за потребата од пристапување кон измени на Уставот, за што е потребно двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници. За продолжението на седницата и гласањето тој рече дека ќе извести дополнително.
Инаку, Ковачевски денеска, одговарајќи на новинарски прашања повторно даде свој коментар на изјавите на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и на францускиот претседател Емануел Макрон во врска со динамиката на проширување на Унијата. Според премиерот, изјавата на Макрон не се разликува од онаа на претседателот на Европскиот совет.
„За првпат после 20 години има изјава на претседател на Европски совет, кој претседава со телото во кое се лидерите на земјите членки на Европската Унија – претседатели или премиери, дека 2030 година е годината кога треба да се случи проширувањето на ЕУ и дека ќе се водат два паралелни процеси. Едниот поцес е реформа на Европската Унија, што тој го објасни во својот говор, а вториот процес е реформите во земјите кандидати за членство во ЕУ. Што се однесува до изјавата на претседателот Макрон, таа не се разликува од оваа изјава (на Шарл Мишел н.з.), ниту, пак, од неговата претходна изјава, кој вели дека во Европската Унија се пристапува според реформите коишто се направени. Тоа значи дека оние коишто ќе ги направат своите реформи побрзо и ќе ги исполнат критериумите на Европската Унија, тие ќе станат членки на ЕУ пред оние коишто нема да го направат тоа. Зошто ако има пет земји кои претендираат, тоа не значи дека во 2030 година сите пет земји ќе влезат, тоа значи дека оние коишто се подготвени за влез во 2030 година, тие ќе влезат… Дополнително имаше изјава и министрката за Европа на Франција во Блед која го кажува истото ова што јас го кажав, дека различните брзини значат дека некои ќе пристапат побрзо, а некои поспоро, што ќе зависи од нив“,
изјави Ковачевски.