Севернокорејскиот лидер кажал оти иако нуклеарното оружје што го поседува Северна Кореја првенствено служи за одвраќање, сепак, би можело да биде распоредено доколку фундаменталните интереси на земјата бидат загрозени
Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, најавил јакнење на националниот нуклеарен потенцијал во синоќешното обраќање на воената парада одржана во Пјонгјанг по повод 90-годишнината од основањето на Корејската народна револуционерна армија.
„Ќе продолжиме да преземаме чекори за зајакнување и развој на нуклеарните капацитети на нашата земја со најбрзо темпо“,
изјавил севернокорејскиот лидер, а пренесува Централната севернокорејска новинска агенција (КЦНА).
Тој кажал оти иако нуклеарното оружје што го поседува Северна Кореја првенствено служи за одвраќање, сепак, би можело да биде распоредено, доколку фундаменталните интереси на земјата бидат загрозени.
„Доколку некоја сила се обиде да ги узурпира основните интереси на нашата земја, нашите нуклеарни сили нема да имаат друг избор освен неочекувано да ја извршат својата друга мисија“,
истакнал лидерот на Северна Кореја.
Агенцијата КЦНА објави дека на парадата во Пјонгјанг било презентирано најсофистицираното оружје на Северна Кореја, вклучувајќи ја и интерконтинентална балистичка ракета „Хвасонг-17“ за која се тврди дека била успешно тестирана на 24 минатиот месец.
Инаку, оваа година севернокорејската армија спроведе неколку тестирања на воените капацитети, вклучително и на интерконтинентална балистичка ракета со голем дострел.