Лидерите на ЕУ, по неколкудневни маратонски преговори, рано утрово постигнаа договор за повеќегодишниот заеднички буџет и фондот за закрепнување.
Вкупниот износ на пакетот за закрепнување е 1.824 милијарди евра, од кои 1.074 милијарди се во рамките на заедничкиот буџет за периодот од 2021 до 2027 година.
Фондот за закрепнување на ЕУ изнесува 750 милијарди евра, а се состои од 390 милијарди неповратна помош и 360 милијарди заеми.
Овој фонд ќе биде финансиран со заедничко задолжување на ЕУ на светските пазари на капитал, а рокот за отплата на заемот е крајот на 2058 година.
„Европа сега има голема шанса да излезе посилна од кризата. Денеска направивме историски чекор со кој сите можеме да се гордееме. Разговаравме повеќе од деведесет часа, но вредеше. Овој договор е сигнал дека Европа е подготвена да дејствува. Луѓето често ја обвинуваат Европа дека прави премногу малку и предоцна, но ние покажавме дека всушност е сосема поинаку. Во моментов се наоѓаме во најтешка економска и здравствена криза, но без оглед на тоа, Европа успева да ја реши кризата на ефикасен начин и ја поврзува солидарноста со одговорност. Ова не е само излез од кризата, туку основа за модерна и одржлива Европа“,
изјави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен