За време на самитот ќе се разговара и за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање европска политичка заедница која, како што е планирано, би ги собрала земјите од европскиот континент на координација за прашања од заеднички интерес како што се надворешната политика, енергетиката, миграција и други
Нацрт-заклучоците за Западен Балкан, кои лидерите на ЕУ се очекува да ги усвојат утре, ја повторуваат поддршката за „перспективата за членство во ЕУ на земјите од регионот“, повикуваат на продолжување на реформите, како и на решавање на отворените билатерални прашања
Лидерите на ЕУ-27 во Брисел попладнево го започнаа редовниот јунски самит, чиј прв ден ќе биде посветен на ситуацијата во Украина, како и на кандидатурите на Украина, Молдавија и Грузија за членство во Унијата.
„Сега кога Украина и Молдавија ќе добијат кандидатски статус, Европската унија треба да се подготви за проширување“,
изјави германскиот канцелар Олаф Шолц пред состанокот на лидерите на ЕУ.
За време на самитот ќе се разговара и за предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање европска политичка заедница која, како што е планирано, би ги собрала земјите од европскиот континент на координација за прашања од заеднички интерес како што се надворешната политика, енергетиката, миграција и други.
Нацрт-заклучоците за Западен Балкан, кои лидерите на ЕУ се очекува да ги усвојат утре, ја повторуваат поддршката за „перспективата за членство во ЕУ на земјите од регионот“, повикуваат на продолжување на реформите, како и на решавање на отворените билатерални прашања.
Пратениците на Европскиот парламент денеска со мнозинство гласови усвоија резолуција со која ги повикуваат шефовите на држави и влади да им дадат кандидатски статус на Украина и Молдавија без одлагање.
Резолуцијата ја поддржаа 529 пратеници, 45 беа против, а 14 воздржани.
Во текстот на резолуцијата се наведува дека парламентот ги повикал „лидерите на земјите и владите кои ќе се состанат денеска и утре во рамките на Европскиот совет да им дадат кандидатски статус на Украина и Молдавија без одлагање“.
Парламентот повика на слична одлука кога станува збор за Грузија, но само откако властите во земјата ќе ги „исполнат наведените приоритети според мислењето на Европската комисија“.
Европската комисија минатата недела предложи Украина и Молдавија да добијат кандидатски статус доколку исполнат голем број предуслови пред почетокот на преговорите за интеграција. Грузија не беше наведена меѓу предложените држави во тоа време.