„Ова е мрежа во која се преплетуваат антикорупциска институција, партиски блиски медиумски кругови и универзитетска инфраструктура – октопод на хибридниот режим на ДПМНЕ!“, велат од партијата

Политичката партија Левица денеска излезе со обвинувања за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Според партијата, до нив пристигнале пријави што укажуваат на незаконско политичко влијание и судир на интереси во кои е инволвирана членката на Комисијата, Цвета Ристовска.
Од Левица тврдат дека во ДКСК е воспоставена мрежа за контрола на предметите со цел заштита на интересите на владејачката структура на ВМРО-ДПМНЕ.
„Преку сомнително ангажирање на лицето Татјана Наќева во архивата, со договор за дело, и покрај тоа што архивата веќе била кадровски екипирана, се воспоставувал филтер врз влезната и излезната пошта. Преку овој механизам, ангажираната Наќева ја алармирала членката Цвета Ристовска, по што таа ги известувала предметните лица, селектирала предмети, ја забавувале или ’заглавувале’ постапката – зависно од тоа дали се однесуваат на луѓе блиски до власта“,
рекоа од Левица на денешната прес-конференција.
Од партијата велат дека Наќева е сопруга на новинарот Љупчо Наќев, кој е предавач на Универзитетот „Скопје“, а за кго додаваат дека отворено важи за испостава на ВМРО-ДПМНЕ. На истиот универзитет, велат од Левица, е вработен и нејзиниот син – Филип Наќев, а таму и самата Цвета Ристовска била ангажирана како предавач.
„Ова е мрежа во која се преплетуваат антикорупциска институција, партиски блиски медиумски кругови и универзитетска инфраструктура – октопод на хибридниот режим на ДПМНЕ!“,
рекоа од Левица.
Од партијата како пример за пристрасно постапување го посочија случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде ДКСК не утврди ништо спорно во неговото назначување и факултетската диплома од универзитетот каде што Ристовска била професорка.
Оттаму потсетуваат дека бројни предмети поврзани со структури на власта остануваат без каков било исход, а како пример го даваат случајот со „незаконски именуваниот началник на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски“ за кого и по повеќе од една година нема никаква одлука.
Левица најавува дека ќе продолжи да обзнанува и други информации за оваа мрежа, функционирањето на ДКСК, но и други информации за партиска вмреженост и коруптивно влијание, без разлика колку високо водат пипците.
Од партијата ги повикаа сите граѓани и вработени во институции, кои располагаат со информации, документи, сознанија, трпат притисоци, сведочат на незаконитости – да ги достават до Левица и оти партијата им ја гарантира анонимноста.
