Од партијата посочуваат дека потегот на пејачот Ламбе Алабаковски е целосно оправдан, а дека секоја друга пресуда освен ослободителна за него ќе претставува, како што велат, антидржавнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ. Од тие причини најавија дека ќе стапат во контакт со адвокатите што ќе го застапуваат пејачот и ќе се понудат да ги покријат трошоците на одбраната
Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Алабаковски, стои во реакцијата на Левица откако се појави информацијата дека македонскиот поп-пејач е сторителот кој ја запалил вратата на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола.

Од Левица додаваат дека секоја друга пресуда освен ослободителна за пејачот ќе претставува, како што велат, антидржавнички чин и напад врз македонската државотворност, конституирана во АСНОМ
Од тие причини најавија дека ќе стапат во контакт со адвокатите што ќе го застапуваат пејачот и ќе се понудат да ги покријат трошоците на одбраната.
„Слобода за Ламбе Алабаковски!“,
стои во реакцијата на партијата.
Од партијата во својата реакција додаваат оти со денешното експресно апсење на Алабаковски, кој го запали клубот што, како што велат, го носи името на фашистот Ванчо Михајлов, се потврдува дека власта на СДСМ и ДУИ е во служба на бугарскиот неоврховизам.
„Потсетуваме дека Левица пред еден месец поднесе кривична пријава против претседателот на здружението ‘Ванчо Михајлов’, поради излагање на подбив на македонскиот народ и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. За оваа кривична пријава сè уште нема никаков одговор дали е поведена некаква постапка“,
додаваат од партијата.
Единствен што треба да се гони кривично, како што додаваат од Левица, е претседателот на здружението „Ванчо Михајлов“.
„Повеќе од еден месец во градот на Стив Наумов, пред очите на целата јавност и органите на прогонот, незаконски и скандалозно функционира клуб кој го носи името на џелатот на македонската кауза!“,
додаваат во реакцијата.
Откако во јавноста се појави информација дека македонскиот поп-пејач Ламбе Алабаковски е виновен за палењето на вратата на бугарскиот културен центар во Битола, адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски на социјалните мрежи објавија дека се подготвени бесплатно да го бранат пејачот.
„Под итно организација за одбрана на Ламбе!!!! Прв се пријавувам!!!“
стои во објавата на адвокатот Јанаки Митровски.
„Jaс и Јанаки Митровски јавно се пријавуваме за pro bono одбрана на Ламбе!!! Нека разберат клетите фашисти!!!“,
додава адвокатот Пешевски.
Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека за откривање на лицето што го запали влезот на бугарскиот клуб во Битола изминатите денови се презеле интензивни мерки и криминалистички активности, а при синоќешниот претрес во неговиот дом и други простории што ги користело лицето пронајдени се предмети, меѓу кои и облеката за која надлежните се сомневаат дека ја носело кога го подметнало пожарот.