Во општината во која на градоначалничката функција се врати Стефчо Јакимовски од ГРОМ, челното место во Советот ѝ припадна на партијата чија советничка група брои четири члена
Советот на Општина Карпош денеска ја одржа првата конститутивна седница, што ја отвори Добрила Андоновска од ГРОМ, најстариот член на Советот.
Потоа, како што јави МИА, За претседател на Советот на општината беше избран советникот од Левица, Бранко Ристов. Советниците избраа претседатели и членови на 11 комисии.
Новоизбраниот градоначалникот на Карпош, Стефчо Јакимовски од ГРОМ, кој и претходно во неколку наврати ја извршуваше оваа функција, им предложи на советниците да размислат и да достават конкретни предлози и проекти што се во интерес на граѓаните.
Јакимовски ги повика советниците да присуствуваат на јавната презентација на планерските куќи, што во моментов изработуваат урбанистички планови за општина Карпош.
Советот на Карпош брои 23 члена, од кои двајца се од ГРОМ, седум од ВМРО-ДПМНЕ, осум од СДСМ, четворица од Левица и двајца независни.
Меѓу двата круга од локалните избори Левица најави дека нема да влегува во коалиции во советите, ама дека на одредени места може да прифати претседавање со советите.