Тоа што во медиумите се изнесуваат детали од исказите на сведоците во судските процеси може да влијаат на тоа што ќе го кажат наредните сведоците, поради што обвинителката Ленче Ристоска побара новинарите да не изнесуваат детали од тоа што се е кажано.
Таа се повикува на Законот за кривична постапка (ЗКП), според кој сведоците на рочиштата се отстрануваат од судската сала додека сведочи друг сведок. Тоа, вели обвинителката, е залудно бидејќи сведоците, во медиумите може да прочитаат се што кажал другиот сведок.

„Со оглед дека досегашната пракса покажа дека во медиумите се изнесуваат детали од исказите на сведоците што е спротивно на законската поставеност, а со цел и да се запази транспарентноста барам само да се информираат медиумите за ваквата поставеност на ЗКП за да се избегнат ситуации, исказите на сведоците кои се сослушани да влијаат врз исказите на другите сведоците, бидејќи тие веќе се пренесени преку медиумите. Ова во никој случај не би сакала да се сфати дека на каков било начин се обидуваме да влијаеме на уредувачката политика на медиумите ниту пак на нивното право доследно да го следат судскиот процес и да бидат запознаени со сите факти и околности значајни за следењето на судската постапка”, вели Ристоска.
Таа посочи дека не е проблем новинарите да пишуваат за тоа како тече судскиот процес, дали се води според закон, дали е прекршено нечие право или не итн.
Ваквото прашања Ристоска го отвори утрово на рочиштето за судскиот предмет „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување.
Судијката Џенета Бегтовиќ, која е прв судија во овој предмет, и Владимир Туфегчиќ посочија дека ваквото барање на обвинителката е нејасно.
„Ваквото барање е нејасно и неразбирливо особено што се наметнува обврска на судот да влијае на начинот на кој ќе известуваат медиумите. Од друга страна, секој од сведоците пред да даде исказ е предупреден дека лажно сведочење е кривично дело. Исто така, судечкиот совет смета дека обвинителот е должен да му предочи на судот за околностите за кои ќе го испитува сведокот, дали ќе се изнесуваат доверливи факти и информации за случајот, за што судот дополнително ќе одлучи”, наведе судијката која го продолжи судскиот процес со испитување на сведоци.
Во судница и денеска како и на претходното рочиште дојде поранешен вработен во УБК, сега пензионер, кој работел како маркирач односно внесувал броеви во системот за прислушување кои ги добивал по наредба од претпоставените.
Поранешниот маркирач денеска одговара на прашањата на адвокатите и на обвинетите кои се поврзани со неговото претходно сведочење. Судењето е во тек.

Во „Таргет-Тврдина“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.