Од 1 до 15 јули ќе прифаќаме рефундации за да надоместиме за инертноста на аптеките бидејќи не сакаме граѓаните да бидат поставени во лоша позиција, кажа директорот на Фондот за здравствeно осигурување, Сашо Клековски
Ние во користењето лекови имаме состојба слична како на сообраќајот пред „Сејф сити“, малку е прекумерена и претерана употребата на лекови и тоа ќе мора да се стави во малку построга рамка, посочи тој
Од 1 јули во аптеките во земјава со рецепт се достапни три често препишувани антикоагулантни лекови – „еноксапарин“, „надропарин“ и „ривароксабан“, кажа на денешната прес-конференција директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.
Притоа, за „еноксапарин“ се достапни два бренда, а кај „надропарин“ и „ривароксабан“ по еден бренд.
„Првите два коагуланти се во ценовен ранг од 1 160 до 2 700 денари, во развисност од дозата и големината на терапијата, а сега ќе бидат достапни само за партиципација од 160 до 240 денари – во зависност од дозата. Еден од брендовите ќе биде достапен без доплата, вториот бренд со доплата, меѓутоа осигурениците имаат можност да изберат и има лек без доплата“,
рече Клековски.
Третиот антикоагулант е по првпат на позитивна листа, а го користат меѓу 6 000 и 10 000 граѓани.
„Тој досега се движеше во рангот од 2 000 до 2 200 денари, сега ќе биде достапен за партиципација од 160 денари. Во почетниот период ќе има доплата од 105 до 505 денари во зависност од дозата и бројот на таблети. Во најчесто користената доза, а тоа е 30 таблети по 10 милиграми, заштедата на граѓаните ќе биде 1 752 денари. Од јануари 2027 овој лек ќе биде достапен без доплата, само со партиципација“,
кажа Клековски.

За сите три лека рецептот го издава специјалист. Директорот на Фондот вели дека аптеките и матичните лекари се информирани и oцени дека е поминат доволен период за лековите да ги има во аптеките. Сепак:
„За антикоагулансите ќе обезбедиме период од 15 дена за кои ќе признаваме рефундации. Од 1 до 15 јули ќе прифаќаме рефундации за да надоместиме за инертноста на аптеките, бидејќи не сакаме граѓаните да бидат поставени во лоша позиција“,
рече Клековски.
„Еноксапарин“ и„надроаприн“ се лекови кои се користат во акутни фази, пред и постоперативно кај големи зафати за спречување венски тромбози, а се користат и во одредени состојби во бременоста. Досега биле достапни со рефундација, а отсега па натаму ќе бидат достапни на позитивна листа со рецепт. Годишната потрошувачка севкупно е околу 100 милиони денари.
„Тука морам да нагласам дека популарните ‘клексани’ не се третман за бременост, туку се третман за проблеми во бременоста. Во ‘клексаните’ нема индикација бременост како таква, значи мора да има друга индикација поврзана со венска тромбоза и ризици од слични состојби за да биде лекот препишан. Ова посебно го нагласувам бидејќи ние во користењето на лекови имаме состојба слична како на сообраќајот пред ‘Сејф сити’, малку е прекумерена и претерана употребата на лекови и тоа ќе мора да се стави во малку построга рамка за кои се индикационите подрачја за кои може да се препишува, меѓутоа повторно конечната одлука врз основа на индикациите е на лекарот специјалист. Лекарот одлучува дали лекот ќе биде препишан или не“,
рече Клековски.

За третиот антикоагулант има само студија, која покажала дека ќе треба да се издвојат околу 2 милиони денари годишно.
На новинарска констатација дека овие лекови се најавувани на позитивната листа пред повеќе од една година, Клековски вели дека задоцнувањето е од административни причини.
„’Еноксапаринот’ и ‘надропаринот’ доцнат од административна причина. Се правеле промени во МАЛМЕД за двата лека да се префрлат од болничкa во позитивна листа, а за третиот се работела студија подолго време заради неверодостојноста на податоците за потрошувачката на лекови. За жал во Македонија сè уште немаме веродостојни податоци за потрошувачката, па поминува одреден период додека ги провериме некои од информациите“,
посочи директорот на Фондот.
