Лекарите од Градската општа болница „8-ми Септември” – Скопје упати апел до граѓаните кои ја посетуваат болницата со цел добивање здравствена заштита, да даваат вистински податоци при епидемиолошкиот прашалник кој го пополнуваат.
Болницата тоа го бара за лицата да добијат адекватна помош, да не ги изложуваат здравствените работници и другите пациенти на потенцијална опасност, а со тоа и да се придружуваат кон насоките на Владата за спречување на ширење на коронавирусот.
„Секое постапување спротивно од насоките, подлежи на кривична одговорност“,
нагласија од ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември” – Скопје.
На вечерашната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче, апелираше во истата насока до граѓаните и повторно порача да се придржуваат до донесените одлуки на Владата.
„Целосно сме свесни дека здравствените работници се едни од најекспонираните и за време на работата и надвор од здравствените установи, но ние мора да правиме се за да ги заштитиме, заради тоа што во овие услови како и во сите други тоа е многу потребно. Мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем за сите“,
рече тој.
Нема да има оправдување за ниту еден, додаде Филипче, кој нема да се придржува до мерките коишто се донесени како одлуки на Владата.
„Мора да биде нивото на свест за почитување на овие одлуки исклучително високо заради тоа што од тоа зависи јавното здравје, важно за сите нас. Исклучително важно е за здравствени работници, заради тоа што тие требаат сега, како што требале порано, како што ќе требаат и понатаму кога овие моменти ќе бидат далечно минато“,
рече министерот.
Тој упати порака до колегите, здравствени работници дека трудот и напорот и улогата којашто се дава во овој момент е непроценлив, а на граѓаните им порача најстрого да се придржуваат до мерките за заштита и превенција.
„Тие здравствени работници имаат семејства кои се грижат за нив. Макотрпно и пожртвувано работат, се жртвувале во текот на животот, се едуцирале за да помагаат на нашите сограѓани“,
потенцираше министерот Филипче.