Доктор Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје, потсети дека годинава бил регистриран само еден случај на мали сипаници кај 13-месечно невакцинирано бебе од Свети Николе, каде што опфатот со вакцина бил над 98 отсто, што придонело да не се појави епидемија
Не постои релевантен доказ дека вакцините предизвикуваат аутизам, изјави денеска д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, по брифингот со новинарите на кој беа презентирани податоци за состојбата, опфатот и придобивките од МРП вакцинацијата во земјата. На брифингот со здравствени работници беше кажано и дека во услови на намален глобален опфат со МРП вакцина за прва доза, од 83 отсто и втора доза, од 74 проценти, што е далеку под опфат од 95 отсто, неопходен за постигнување на колективен имунитет, се зголемува ризикот од појава и проширување на епидемија од мали сипаници.
Доктор Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје, потсети дека годинава бил регистриран само еден случај на мали сипаници кај 13 месечно невакцинирано бебе од Свети Николе, каде опфатот со вакцина бил над 98 отсто, што придонело да не се појави епидемија.
Таа нагласи дека се работи на зголемување на опфатот со вакцини, со интензивна кампања за откривање на невакцинирани деца и нивно вакцинирање. Поддршка во активностите за зголемување на опфатот со вакцини, со вклучување и на теренска вакцинација, има и од Светската здравствена организација. Податоците за шесте месеци веќе покажувале напредок во однос на опфатот.
„Очекуваме оваа година, за разлика од претходната, зголемен опфат со вакцинираност“,
нагласи Ставридис.
Како што потсетуваат од Одделението за имунизација и вакцино-превентабилни заболувања при Институт за јавно здравје на државава, последната епидемија на мали сипаници беше во 2019 година со вкупно 1 901 заболено лице.
„Над 80,5 отсто од заболените лица во епидемијата беа невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Епидемијата заврши како резултат на интензивната вакцинална кампања со МРП вакцинација, со која беа опфатени над 44 000 деца до 14-годишна возраст, како најефикасна противепидемиска мерка. Таа година, опфатот со МРП вакцина надмина 93 проценти и за прва, и за втора доза. Но, веќе следната година со почеток на ковид-19 пандемијата, вакциналниот опфат се намалува на 63,0 отсто за прва доза и 68,5 проценти за втора доза. Следните две години се бележи скромно зголемување на кое достигна 70,7 отсто за прва доза и 89,2 проценти за втора доза, во 2022 година. Нискиот опфат последните две години доведува до зголемување на бројот на невакцинирано, осетливо население на мали сипаници“,
информираат од ова Одделение.
На настанот беше кажано дека МРП вакцината е безбедна и ефикасна, најдобар начин на превенција, комбинирана вакцина што обезбедува истовремена заштита против три сериозни болести, мали сипаници, рубеола и заразни заушки.
Причина за овие болести е вирусна инфекција. Најчесто се јавуваат во детската возраст, иако може да заболат и возрасни лица. Беше нагласено дека не постои специфичен третман за овие болести но, успешно може да се превенираат со навремена и редовна вакцинација.