Лекар специјалист од Кавадарци е новиот позитивен случај на ковид-19 кај здравствените работници, потврди за МИА утрово Ристе Јовановски, специјалист епидемиолог при кавадаречкиот Центар за јавно здравје. Лекарот немал симптоми, а се работи на утврдување на неговите контакти и нивна превентивна изолација.
Според Министерството за здравство, во Градската општа болница „8 Септември“ тројца анестезиолози, тројца интернисти, 25 медицински сестри, ангажирани на одделенијата каде се лекуваат позитивни и сомнителни случаи и пет болничари се заразени со коронавирус.
На Клиниката за инфективни болести заразени се двајца здравствени работници, а други двајца кои се оздравени, се вратиле на работа.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата пред два дена кажа дека медицинскиот кадар од јавното и приватното здравство се мобилизира со цел да се амортизира напливот на пациенти заболени од ковид-19.
Во двете главни болнички установи во борбата со ковид-19, досега се пристигнати околу 60 здравствени работници од други клиники и градови за да им помогнат на колегите.
Според информациите кои ги сподели министерот Венко Филипче, на Инфективната клиника има 5 дополнителни доктори, од кои тројца се од три клиники во Клиничкиот центар и по еден од Тетово и Охрид. Има вкупно и 27 медицински сестри пристигнати од повеќе градови, како Кавадарци, Кочани, Кичево…
Во градската болница „8 Септември“, пак, помагаат 6 доктори, од кои двајца се од скопските клиники, двајца од Кичево и по еден од Отешево и Гостивар. По систем на ротација, ќе помагаат и 20 медицински сестри од Струга, Велес, Отешево, Гевгелија и Лешок.
