Шпанија, Малта, Италија, Германија, Холандија и Луксембург – сите имаат различен пристап кон ова прашање
Шпанскиот парламент го отфрли законот со кој се предлага легализација на канабисот за рекреативни цели. Во Германија оваа тема се почесто се става на маса (дури и во коалициските преговори), додека во Италија се собираат потписи за референдумот на кој граѓаните би ја донеле одлуката. Според анкетите, Италијанците би гласале за легализирање на канабисот.
Кој е за, а кој против легализација во Европа и како е кај нас?
Шпанија
Предлогот за легализација на марихуаната за рекреативна употреба го даде левичарската група „Мас Паис“, предводена од Инјиго Ерехон. Во образложението на законот, Ерехон наведе дека забраната за употреба на марихуана води до уште поголема потрошувачка, поголем криминал и поголема штета на јавното здравје, како и дека легализацијата на дрогата „ќе ја одземе работата од рацете на мафијата“.
Сепак, предлогот беше отфрлен со 263 гласа „против“, 75 „за“ и девет „воздржани“. Дебатата за овој закон откри длабоки поделби во шпанската Влада. Најсилниот партнер во Владата – коалицијата на левичарската Социјалистичка партија (ПСОЕ) – беше експлицитно „против“, додека „Подемос“, друг партнер во Владата, гласаше „за“. Со одлуката да се гласа против, ПСОЕ застана рамо до рамо со конзервативната Народна партија (ПП) и екстремно десничарската партија Вокс, пренесува „Ел Паис“.
„Драмата“ за легализација на марихуаната во Шпанија не завршува тука, бидејќи ПСОЕ е подготвена да размисли за легализација во медицински цели.
Германија
Легализацијата на канабисот во Германија може да биде прашање за кое ќе се разговара за време на преговорите за формирање на новата влада, што ги започнаа СПД, Зелените и ФДП. Последните две партии се за. ФДП ги нагласува приходите што државата би можела да ги оствари со оданочување на цигарите, цветот од канабис и канабисот за јадење. Зелените велат дека легализацијата ќе стави крај на нелегалната продажба и ќе го намали организираниот криминал.

СП, пак, ниту е експлицитно против ниту експлицитно за. Од оваа партија можеа да се слушнат предлози за легализирање на продажбата на канабис, но преку дополнителни проекти. Има и други ставови. Карл Лаутербах, здравствен експерт од редовите на социјалдемократите, отворено ја повика идната влада да го легализира канабисот, пренесува Дојче веле.
Италија
Италија најверојатно ќе одлучи дали ќе го декриминализира канабисот на референдумот следната година, откако за една недела беа собрани 500 000 потписи. Активистите успеале да ги соберат потребните потписи пред истекот на рокот 30 септември, објави Си-ен-ен.
Конзумирањето канабис не е кривично дело според италијанскиот закон, а дозволена е и употреба на марихуана за медицински цели. Сепак, откупот, продажбата и масовното одгледување на растението е незаконски, а трговците може да добијат и до десет години затвор доколку бидат прогласени за виновни.
Групата за легализација на канабисот тврди дека оваа постапка ќе генерира илјадници нови работни места и ќе ги зголеми даночните приходи за државата, проценети меѓу 7 и 8,2 милијарди долари.

Малта
Употребата на канабис на Малта е незаконска, но делумно декриминализирана. Во 2018 година, Малта ја легализираше употребата на канабис за медицински цели.
На почетокот на овој месец, објавен е закон со кој се предлага луѓето да можат да носат до седум грама канабис и да одгледуваат до четири растенија дома. Исто така, предлага формирање на здружение за канабис, концепт популаризиран во Барселона, кој им овозможува на организациите да одгледуваат и да подготвуваат билки исклучиво за своите членови.
Во февруари оваа година, премиерот Роберт Абел ги објави плановите за воведување закон со кој ќе се легализира поседувањето на мали количини канабис и растенија за лична употреба.
Холандија
Холандската Влада инсистира да се толерира канабисот, но тоа не е легално. Сепак, рекреативната употреба е декриминализирана од 1976 година. Холандските кафулиња можат да продаваат до пет грама лесни дроги по лице дневно, но тие мора да се усогласат со строгите прописи за лиценцирање. На пример, не смеат да служат алкохол во исто време. Рекламирањето на овие кафулиња или дроги е забрането, а чувањето на залиха над 50 грама лесни дроги во продавниците се смета за кривично дело.

Кафулињата смеат да продаваат дрога само на клиенти кои имаат дозвола за престој во Холандија. Холандските власти размислувале за заострување на ова правило, но студијата нарачана од градот Амстердам посочува дека 57 отсто од странците кои патуваат во овој град одат во кафулиња каде што се продава марихуана и дека тоа е „важна причина“ за нивната посета.
Луксембург
Владата на Луксембург во петокот објави дека ќе им дозволи на своите граѓани да одгледуваат канабис за лична употреба. Ваквата одлука е резултат на коалицискиот договор меѓу либералите, социјалдемократите и зелените од 2018 година, кој го „туркаа“ млади луѓе од три партии. Со дозволување на трговијата и поседувањето на семе од канабис, Луксембург планира да им дозволи на возрасните легално да одгледуваат до четири растенија канабис по домаќинство за лична употреба.
Возрасните Луксембуржани ќе можат да купуваат семиња во продавниците во Луксембург, да ги увезуваат од странство или да ги купуваат преку Интернет за да овозможат производство на семиња за комерцијални цели дома. Сепак, забраната за консумирање и носење канабис на јавно место, како и забраната за трговија со производи од канабис, освен семиња, ќе останат во сила.
Исто така, делото консумирање и носење на количина до три грама ќе се преквалификува и повеќе нема да се третира како кривично дело, туку како прекршок.
Каде сме ние?
Владата, на седница во јули годинава, го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Главната новина, во споредба со актуелното решение, е што им е дозволува на компаниите кои одгледуваа канабис за медицински потреби да го извезуваат и сувиот цвет, наместо само маслото добиено со екстракција.
Лиценци за одгледување на канабис за медицински цели имаат повеќе од 60 правни лица од земјава. Но, речиси ниту една од фирмите од добиениот сув цвет не правеа и масло од канабис, кое е крајниот производ кој се користи за медицински потреби. Затоа, фармите за канабис само складираа сув цвет кој немаа каде да го продадат. Во неколку наврати се случија грабежи, а имаше и случај кога со помош на американската ДЕА беше откриено дека фарми за канабис продале сув цвет на црниот пазар.
Каква беше економската оправданост да се почне со одгледување марихуана со актуелното законско решение, ако притоа нема план да се прави масло од канабис, засега е нејасно. Но, ако се усвои Предлог-законот на Владата, бизнисот секако има поголеми шанси да биде успешен. За својата одлука, од Владата велат дека е во согласност со сите меѓународни регулативи.
„Во (Предлог-законот н.з.) се транспонирани повеќе рамковни одлуки и директиви на Европскиот парламент и на Европскиот совет за усогласување на оваа дејност со регулативата на ЕУ, како и со повеќе конвенции како што се Единствената конвенција за наркотични дроги на Обединетите нации од 1961 година со Протокол за дополнување од 1972; Конвенцијата за психотропни супстанции на Обединетите нации од 1971 година и Конвенција на Обединетите нации против недозволена трговија со опојни дроги и психотропни супстанции од 1988 година“,
соопштија од Владата.
„360 степени“ во неколку наврати ги истражуваше компаниите кои добиле лиценци за одгледување на канабис. Откривме дека иако станува збор за чувствителен сектор, државата практично не ја прави ниту минимално пропишаната контрола. Имено, законот вели дека секоја компанија мора да биде предмет на контрола најмалку два пати годишно, но откривме дека голем дел од фирмите се контролираат само еднаш во годината. Компаниите во кои имаше грабежи биле контролирани помалку од законски предвиденото.
Од Владата, велат, тоа ќе се реши со формирање на ново тело – Агенција за контрола.
Уште една значајна новина во Предлог-законот за опојни дроги е обврската на компаниите со лиценци за одгледување канабис во медицински цели да уплатуваат средства во висина од 10% од нето добивката остварена во тековната година на соодветна сметка во Буџетот на Република Северна Македонија.
Средствата собрани на оваа посебна сметка ќе бидат наменети за проекти од јавен интерес како што се поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на фондот за медиуми, како и на програмските приоритети во спортот, културата, граѓанскиот сектор, како и за поддршка на работата на новопредвидената Агенција.
Ако Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции го помине собранискиот филтер со европско знаменце, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги блокира сите идни закони, најавија од опозициката партија.
На забелешките, од Владата појаснуваат дека сегашните одредби од Кривичниот законик (КЗ) предвидуваат дека кривично дело е пуштањето во промет и продажбата на канабис и на другите опојни дроги.
Личната рекреативна употреба на канабисот и денес не е кривично дело, но праксата покажува дека на терен постојат нејаснотии или злоупотреби и имаме ситуации кога лица кои користат канабис за лична употреба се теретат за наводна намера за продажба, брифираат од Влада.
Од Владата очекуваат во измените на КЗ кои се во тек, експлицитно да се потврди со јасна формулација дека личната употреба не е кривично дело, односно дека во затвор не може да оди оној кој за лична рекреативна или медицинска употреба консумира канабис.
Ќе биде потребно и дефинирање на терминот лична употреба, за што се бараат правни и нормативни решенија.