Во ЛДП созреа времето за првата жена претседател. Изразувам подготвеност за мојот, досега најголем личен предизвик. Ви ветувам лидерство насочено кон иднината, вети Зајкова

Под мотото „Обединето, храбро, гласно!“, ЛДП попладнево го почна осмиот конгрес на кој членството треба да го избере новиот партиски претседател.
На Конгресот пред присутните се обрати претседателот на Либералната мрежа на Југоисточна Европа и поранешен министер за одбрана на Словенија Роман Јакиќ. По него зборуваше Лилјана Танги, членка на движењето „Напред!“ и пратеничка во Националното собрание во Франција, додека преку видео-конференциска врска порака испрати и претседателката на Либерална Интернационала, Хакима Ел Хаите. Обраќање имаше и европратеникот и копретседател на партијата АЛДЕ Илхан Ќучук.
Моника Зајкова, која е едниствена кандидатка за наследник на Милевски на лидерската позиција на конгресот рече дека ЛДП има интегритет, знае да каже не, знае да застане цврсто на своите ставови и да ги брани до крај.
„Ние сме партија на силни и препознатливи личности, демократи, слободоумни, квалитетни и препознатливи поедници. Таа претстава за ЛДП треба дополнително да се гради и во тој контекст, првенствено ако ја добијам довербата, најавувам отворање на партиските либерал-демократски порти за сите чесни, продуктивни и работливи личности кои си ја сакаат државата. Заедно ќе ги вратиме квалитетните и вистински либерал-демократи, но и ќе привлечеме многу нови“,
порача Зајкова на конгресот.
Според неа во ЛДП созреа времето за првата жена претседател.
„Изразувам подготвеност за мојот, досега најголем личен предизвик. Ви ветувам лидерство насочено кон иднината. ЛДП ја гледам како сериозна партија со големо влијание врз одлуките, насоката и стратегијата по која ќе се води државата, како сериозен фактор без кој не би можела да се формира ниту една Влада во иднина, како партнер на граѓаните и конструктивен коректив на власта. ЛДП нема да биде цел само на поголемите партии, туку ќе соработува исклучиво за интересите на граѓаните и државата. Најавувам прогресивни политики кои ќе се дистанцираат во дел од актуелните владини и опозициски, нова платформа соодветна на современите предизвици, како и политики во кои мнозинството граѓани се препознаваат“,
истакна денеска кандидатката за претседател на ЛДП, Моника Зајкова.
На крајот од официјалниот дел на конгресот се обрати и се уште актуелниот претседател на ЛДП Горан Милевски кој седум години беше на чело на партијата.
„Се боревме и успеавме да ја донесеме ЛДП заедно со оваа коалиција на власт и еве веќе шест годинии успешно ја практикуваме власта. Денес сме владејачка партија со министер, пратеници и неколку директорски позиции, партија која по 10 години настапи самостојно на локалните избори и имаше одлични резултати. ЛДП ја вративме и во европското либерално семејство. Но, нашата битка е делумно остварена, земјава стана членка на НАТО на што сум особено горд зашто ЛДП беше дел од оваа приказна. Останува во следниот период Моника, во која искрено верувам, да го заврши процесот на преговори со ЕУ. Нема да биде лесно. Треба сите да го смениме начинот на размислување зашто реформите не значат само промена на закони и законска регулатива, туку бара од нас и промена на начинот на размислување и делување“,
порача Милевски.
На конгресот присутни се многу домашни и странски гости, а пред неговото одржување, беше организирана регионална либерална конференција „QVO VADIS EVROPA 2022? Поттикнување на проширувањето и интеграцијата на ЕУ“. Од конференцијата беше испратена порака дека земјава нема друга алтернатива, освен членството во ЕУ, како и дека тој пат бара многу работа, но носи и големи придобивки.