Од МВР информираат дека по добиените пријави од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави

Лажни се и денешните дојави за поставени бомби во 16 училишта во Скопје, две во Куманово и девет во струшко, констатирале од Министерство за внатрешни работи по направените проверки.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека се направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 16 училишта во Скопје, две во Куманово и девет во струшко по добиените пораки на електронски адреса со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“,
се наведува во соопштението од МВР.
Оттаму информираат дека веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Ова е трет ден по ред неделава како пристигнуваат дојави за поставени бомби во училишта во земјава. Вчера вакви закани добија 16 скопски и четири прилепски училишта, а ден претходно, односно во вторникот, дојави за поставена бомба беа пристигнати на електронските адреси на 14 професори во едно средно училиште во Скопје.
По извршените проверки беше констатирано дека станува збор за лажни дојави во сите случаи.
Минатата недела дојави за бомби имаше три дена по ред во основни и во средни училишта во главниот град.