Осомничената, како што се наведува во образложението од ОЈО Гостивар, во периодот од март 2022 до март годинава, прикажувајќи се како вработено лице во германската амбасада во Скопје и во Министерството за внатрешни работи на С Македонија, довела во заблуда осум оштетени лица од Гостивар и успеала да се стекне со противправна имотна корист од околу 18 500 евра

Гостиварското јавно обвинителство, со решение на Основниот суд во Гостивар, одреди 30-дневен притвор за жена која е осомничена дека направила измама со тоа што од осум лица зела пари ветувајќи им дека ќе им обезбеди работни визи за Германија или сертификати за познавање на германски јазик.
Осомничената, како што се наведува во образложението од ОЈО Гостивар, во периодот од март 2022 до март годинава, прикажувајќи се како вработено лице во германската амбасада во Скопје и во Министерството за внатрешни работи на С Македонија, довела во заблуда осум оштетени лица од Гостивар. Целта, според ОЈО, ѝ била да прибави за себе противправна имотна корист.
„На жртвите им нудела да им обезбеди работни визи за Германија или сертификати за познавање на германски јазик, а во замена наплатувала парични средства. На тој начин, од сите оштетени, успеала да се стекне со вкупна противправна имотна корист од околу 18 500 евра. Откако ќе им ги земела парите, потоа повеќе не им се јавувала на телефонските повици“,
се вели во образложението од ОЈО Гостивар.
Со цел обезбедување во секој од случаите поединечно, надлежниот јавен обвинител претходно имаше предложено на два пати по 48 часа притвор за осомничената, а по истекот поднесе и предлог за определување мерка притвор.
Овој случај на ОЈО Гостивар е во коинциденција со информација која кон средината на март годинава, полицијата ја изнесе преку соопштение во кое наведе дека привела две жени во Гостивар од кои едната се сомничи дека лажела граѓани дека ќе им обезбеди работни визи за Германија.
Станува збор за 41-годишна тетовка, која престојувала кај 26-годишна девојка во гостиварско Србиново.
Во полициското соопштение беше наведено дека тетовката, која во Гостивар престојувала кај Ф.Б. (втората приведена), е осомничена дека минатата и оваа година на подрачјето на Гостивар, Тетово и Скопје извршила над пет измами, лажно ветувајќи им на измамените дека ќе им обезбеди работни визи за Германија, за што им побарала и добила одреден паричен надоместок
Од МВР тогаш рекоа дека тетовката и девојката кај која престојувала во Гостивар се задржани во полициска станица за целосно расчистување на случајот, а потоа најавија дека ќе поднесат кривична пријава против тетовката за делото измама.