Ова е пристап на работа што ќе го најдете во многу пресуди на ЕСЧП – Судот едновремено да одлучи за допуштеноста и за суштинските елементи. Навистина, комуницираните прашања до државата, кога ги гледате на интернет-страницата на Судот, поставуваат основа да размислите дека Судот веќе влегол во некаква суштинска анализа. Меѓутоа, дел од прашањата му биле потребни на Судот, очигледно, и за да изгради фактографијата, вели поранешната судијка во Стразбур и актуелна судијка во Врховен суд
Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од 1998 година истовремено решава за допуштеноста и за суштинските елементи на одреден предмет, одговара Мирјана Лазарова-Трајковска, поранешна судијка во Стразбур и актуелна судијка во Врховниот суд, на дилемите што се појавија во јавноста по одлуката на ЕСЧП да ги прогласи за преуранети и недозволени шесте апликации на осуммина жалители од земјава.
Адвокатот на апликантите, Влатко Илиевски, вчера изјави дека Судот во текот на постапувањето влегол во материјална, суштинска расправа, а на крај наместо мериторна пресуда за помилувањето, донел одлука за недозволеност (недопуштеност) на жалбите, што го смета за невообичаена околност.

Судијката Лазарова-Трајковска, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека ваквиот пристап е резултат на ширината што ја дава член 35 од Европската конвенција за човекови права.
„Тој член вели дека ќе се отфрли жалба во која било фаза од постапката. По 1998 година кога се менува организациската структура, Судот во исто време постапува по допуштеност и по суштинските елементи на предметот ако го прифати како допуштен. До 1998 година кога постела Комисијата за човекови права, таа се фокусирала само на допуштеноста и откако ќе го прифатела како допуштен, предметот го праќала на Судот. Тоа значи дека одделно се ценеле допуштеноста и суштинските елементи на предметот. Сега ова е пристап на работа што ќе го најдете во многу пресуди на Судот – Судот едновремено да одлучи за допуштеноста и за суштинските елементи. Навистина, комуницираните прашања до државата, кога ги гледате на интернет-страницата на Судот, поставуваат основа да размислите дека Судот веќе влегол во некаква суштинска анализа. Меѓутоа, дел од прашањата му биле потребни на Судот, очигледно, и за да изгради фактографијата, по она што можев да го видам“,
рече Лазарова-Трајковска.

Таа оценува дека Судот посветил големо внимание на сите околности што му претходеле на помилувањето, на самото помилување, ги анализирал сите одлуки, та дури влегол и во анализа на пристапот во државата кон помилувањата од 2003 година па наваму.
„Заради влијанието на сите овие состојби и правни случувања, јас ги гледам од правен аспект, не би сакала да ги гледам од политички, меѓутоа заради сите општествени околности, па и целиот галиматијас што настана по помилувањата и по повлекувањето на помилувањата, Судот чувствувал за потребно сето тоа да го преточи во одлуката. Вие гледате дека делот за фактите е многу голем за читателот, кој било од надвор, да може да разбере затоа што оваа одлука останува како составен дел на судската пракса и Судот кога пишува вакви одлуки за отфрлање, тој води сметка во која било од 46. земји членки на Конвенцијата оваа одлука да биде разбрана и да биде јасна“,
вели судијката.
Затоа одлуката почнува со извештајот на Прибе, па продолжува со случувањата што му претходеа на помилувањето, вели Лазарова-Трајковска, и оценува дека „сето ова со филигранска прецизност е преточено во дваесетината страни со фактографија“.
„Овде Судот не ги затвори сите врати и прозорци, па да каже – ние го отфрламе овој предмет бидејќи жалбите по својата содржина не покренуваат никакво правно прашање. Тој рекол – не, ние работиме врз основа на принципот на супсидијарност кој налага прво државните судови да се произнесат и затоа сте пропуштиле да побарате од националните судови да се произнесат по овие правни прашања“,
вели Лазарова-Трајковска.
Во вчера објавената одлука на Европскиот суд за човекови права од Стразбур за апликациите што ги поднесоа обвинети и осудени поранешни државни функционери во предметите на некогашното СЈО се заклучува дека се недозволени (недопуштени) зашто не се исцрпени домашните правни лекови.
Суштината на нивните жалби пред Стразбур е дека не може да бидат кривично гонети поради помилувањата што во 2016 г. им ги даде поранешниот претседател Ѓорге Иванов, кој потоа врз основа на законски измени ги повлече одлуките. Но, ЕСЧП им порача дека пораниле со жалбите до Стразбур.