Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Врховниот суд и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права, на одлуката на овој суд во однос на жалбите за помилувањето од претседателот Ѓорѓе Иванов гледа и како на охрабрување од Стразбур до домашните судови да влезат во директна примена на неговата судска пракса

360°: Повикот од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) до Врховниот суд е – обидете се и директно применете ја Европската конвенција за човекови права, па дури откако Врховниот суд ќе се произнесе, апликантите ќе имаат право, доколку се незадоволни, да се обратат повторно до Стразбур?
Лазарова–Трајковска: „Кога се повикува на директна примена на Конвенцијата, Судот во Стразбур мисли на сите инстанци во судската власт да ја почитуваат и применуваат Конвенцијата. Тоа не значи судот да се повика на неа во диспозитивот на одлуката врз основа на член 6 или 5, туку користејќи ја судската пракса и предметите во однос на Република Македонија, судот да извелече заклучок што од тоа е применливо во конкретните предмети.“
360°: И во прв степен, и на апелација и пред Врховниот суд?
Лазарова–Трајковска: „И во прв степен, и во апелација и во Врховниот суд… За нас извор на право е праксата на ЕСЧП бидејќи ние сме дел од монистичкиот систем, ние сме ја прифатиле Конвенцијата, сме ја ратификувале и во тој момент таа станала дел од нашето внатрешно право, таа не е над Уставот, но е меѓу Уставот и законите и онаму каде Конвенцијата нуди одговори кои законот не ги нуди судијата може да се повика на судската пракса на Судот во Стразбур. Овде нема голема храброст од страна на судиите да влезат во директна примена на судската пракса, јас тоа го читам како охрабрување од страна на Судот во Стразбур. Тоа е важно и за самиот суд во Стразбур бидејќи жалителите не можат да покренат некое правно прашање во судот во Стразбур ако тоа прашање веќе дома не го покренале пред националните судови, а за да се види дека покренале, тие морале уште пред првостепениот суд да го отворат, во конкретниот случај, прашањето за помилување, потоа во жалбената постапка да му се даде шанса на Апелациониот суд – во некои од тие предмети има произнесување и, на крај, највисокиот суд да се произнесе по однос на ова прашање.“
360°: Има такви предмети во кои одбраната се повикувала на помилувањето.
Лазарова–Трајковска: „И одлуката ги опфаќа тие предмети, но гледате дека на самиот суд му требале три години од комуницирањето на предметот за да дојде до заклучок.“