Се очекува разговорите меѓу делегациите од Украина и Русија да се одржат денеска во палатата „Чираган“ во Истанбул во 13 часот по локално време, соопштија извори од турското Министерство за надворешни работи
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера телефонски разговараше со американскиот државен секретар Марко Рубио за директните мировни преговори меѓу Русија и Украина што денеска треба да се случат во Истанбул, пренесува Ројтерс.
Во соопштението на руското Министерство за надворешни работи се вели дека Лавров и Рубио разговарале за ситуацијата во Украина, како и за бомбашките напади врз железничката инфраструктура во руските региони Брјанск и Курск.

Разговорот се случи во пресрет на втората рунда директни разговори меѓу Киев и Москва, во услови на зголемени напади и покрај тоа што Кремљ сè уште ги отфрла повиците за безусловен прекин на огнот.
Се очекува разговорите меѓу делегациите од Украина и Русија да се одржат денеска во палатата „Чираган“ во Истанбул во 13 часот по локално време, соопштија извори од турското Министерство за надворешни работи.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека министерот за одбрана Рустем Умеров ќе ја предводи делегацијата на неговата земја во планираната втора рунда директни преговори со Русија.
Претходно, Лавров изјави дека предложиле следната рунда директни разговори со Украина да се одржи во Истанбул на 2 јуни и дека Владимир Медински, помошник на претседателот Владимир Путин, ќе ја предводи делегацијата.
На 16 мај Русија и Украина ги одржаа првите директни разговори во Истанбул, од почетокот на војната, при што двете страни се согласија за размена на затвореници од голем обем, односно вкупно 1 000 лица од секоја страна.
Тогаш не беше постигнат никаков напредок во однос на прекин на огнот, а Москва повторно ги изнесе своите барања за повлекување на украинските сили од четири области што Русија не ги контролира целосно.