Двајцата обвинети добија забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал
ОЈО Скопје пред два дена поднесе обвинение против Латас и Лазаров според кое тие се товарат за кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, за кое е предвидена затворска казна од една до пет години
Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и му го одзеде пасошот на новинарот Драган Павловиќ Латас, кој заедно со јутјуберот Стефан Лазаров е обвинет за кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

Покрај одземениот пасош, Латас има забрана и за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал, соопштија денеска од Кривичниот суд.
Освен на Латас, судијата кај кого е распределен предметот, идентична мерка за претпазливост – забрана за јавен настап му одредил и на Лазаров.
„По добивање на обвинителниот предлог, оформен е предмет со К. бр. 457/23 кој согласно АКМИС е распредeлен на понатамошно постапување кај судија од одделот Кривично полнолетни кој постапувајќи по предлогот за определување мерки за претпазливост, против двете лица донесе решение со кое предлогот на ОЈО Скопје се уважува и на обвинетиот Д. П. Л. му се определува превентивна мерка заради присуство на обвинетиот и тоа – Привремено одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и Забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно Забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал. На обвинетиот С. Л. исто така му се определува мерка на претпазливост заради присуство на обвинетиот и тоа – Забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно забрана за јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал“,
се наведува во соопштението од Кривичен.
Против одлуката на Судот, Латас и Лазаров имаат право на жалба до Апелацискиот суд во рок од три дена од приемот на судското решение.
Скопксото јавно обвинителство пред два дена, односно на 21 февруари, поднесе обвинителен предлог против новинарот и јутјуберот, кое експресно уследи откако Латас во гостување во поткастот на Лазаров раскажуваше за сексуално искуството со девојка во неговите тинејџерски години, што предизвика бура реакции во јавноста поради стимулирање насилство и родова дискриминација.
„Двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста. Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак, не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан“,
соопштија во вторникот од Обвинителството.
Од Обвинителството тогаш нагласија дека го обезбедиле поткастот и другите докази за да го потврдат кривичното дело за кое се гонат Латас и Лазаров.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
ЗНМ, ССНМ и СЕММ: За јавни наративи што стимулираат омраза и агресија, мора да има одговорност
Интервјуто на Латас кај Лазаров го нема на Јутјуб
ОЈО Скопје поднесе обвинение против Латас и јутјуберот Лазаров