Одбраната на сопственикот на „Дурмо турс“, пак, смета дека денеска требало да се продолжи со рочиштето бидејќи тројцата други вештаци беа присутни, па обвинителот можел прашањата што сака да ги упати кон нив. Обвинителот рече дека се сомнева зошто денеска е отсутен вештакот што тој го бара и потсети дека најавил оти денеска ќе ги има последните прашања и финалните поенти во сослушувањето

Вештакот Зеќирија Зеќири, еден од четворицата автори на машинското супервештачење за автобуската несреќа кај Ласкарци пред речиси четири години, денеска не се појави во судница каде што требаше да одговара на финалните прашања на обвинителот Дарко Јакимовски од ОЈО Скопје.
Причината за неговото отсуство е влошена здравствена состојба, за што неговите колеги го известиле судот.
„Судот е известен дека поради нарушена здравствена состојба, вештакот не е во можност да присуствува на денешната главна расправа и тој се наоѓа на болничко испитување“,
рече судијката Дијана Груевска-Илиевска.
Таа најави дека ќе бара Зеќири со медицинска документација да го оправда денешното отсуство, а неговите колеги посочија дека тој вчера на Вибер им го испратил упатот за болничките испитувања кој му бил издаден за денешниот датум.
Меѓутоа, и обвинителот и оштетените се сомневаат во вистинските причини за денешното непојавување.
„Никогаш не сум бил причина за одолговлекување и одложување на рочиште. Меѓутоа, коректно е тој лично да ве извести како суд. Имам основна причина да се сомневам дека ова е договорена работа, другите вештаци да се тука, а тој да не е тука“,
рече обвинителот Јакимовски.
Судијката праша, но тој не се согласи да испрашува некој од неговите други колеги.
„Имам прашања конкретно за овој вештак и споменав дека денеска ќе одам кон финалните поенти“,
рече Јакимовски.
Негодувања за отсуството во судница искажаа и дел од роднините на настраданите во автобуската несреќа, а пред новинарските екипи рекоа дека се сомневаат во смислена игра.
„Се сомневаме дека почнаа игри да се прават бидејќи ова вешто лице покажа дека нема блага врска со предметот што е вештачен од Бирото за судски вештачења. Сами сте сведоци дека на најосновни прашања од обвинителството не знае да одговори. Никогаш во неговиот живот немал ваков предмет да вештачи, две години има лиценца за вештачење, не знае да чита тахографски ленти… па како ние оштетените да веруваме дека тоа вештачење што го направило Бирото и тоа вешто лице се релевантни, издржани и професионално направени. Денешното негово недоаѓање покажува дека се купува време се со цел да се одложи овој процес и тој да не биде понатаму испрашуван од страна на обвинителството“,
изјави Благојче Трпевски, татко на еден од настраданите патници во автобусот на „Дурмо турс“.
Ова супервештачење за предметот „Ласкарци“, во кој на обвинителна клупа седат возачот, но и сопственикот на „Дурмо турс“, одговорното лице за транспорт во фирмата и тројца вработени во станицата за технички преглед, вината за несреќата ја лоцира кај возачот, наспроти вештачењето на ОЈО Скопје кое најде континуирани неисправности на возилото.
Одбраната на возачот Маноил Трифуновски, исто така, одби да поставува прашања на другите присутни вештаци и, како и обвинителот, изрази сомнеж за заднината на отсуството на вештакот Зеќирија Зеќири.
Наспроти нив, пак, адвокатите на дел од останатите обвините, сметаа дека денеска може да се продолжи со рочиштето и обвинителот да поставува прашања кон останатите вештаци.
„Тука се другите вештаци како членови на тимот. Зеќирија Зекири е четврти на списокот. Апсолутно нема никаква причина да се одложи рочиштето зашто тој не е тука. Ова го кажувам да не се создаде перцепција во јавноста поради тоа што го кажа обвинителот. Нека се констатира дека тука имаме тројца вештаци“,
рекоа од одбраната на сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули.
Судијката Груевска-Илиевска одлучи дека поради инсистирањето на обвинителот да го одложи денешното, а веројатно и наредното рочиште на 9 февруари доколку вештакот Зеќири не се појави повторно поради здравствената состојба. Меѓутоа, нови одложувања нема да дозволи.
„И еден да дојде, ќе се одржи“,
рече судијката објаснувајќи дека не може да се одолговлекува.
Јакимовски, пак, рече дека вакво сценарио може да значи и ограничување на можноста да се испитува вештак кој јавниот обвинител замисли да се испитува.
Вештакот Зеќирија Зеќири одговараше на прашања на обвинителот на претходните две рочишта. Начинот на кој се одвива неговото сослушување во повеќе наврати беше предмет на дискусија меѓу странките и судот. Имено, обвинителот пред да почне сослушувањето на супервештаците, бараше тој да одлучи на кого ќе му поставува прашања од четворица машински инженери дел од тимот, а судот дозволи да одговара еден од вештаците по избор на обвинителот, но останатите тројца да бидат во судница, па ако некој има нешто да дополни и дообјасни да се додаде во одговорот.
Јакимовски, на пример, во една ситуација посочи дека тоа е упад во испитувањето што го прави и не треба да се дозволи, додека Груевска-Илиевска реплицираше дека тоа не е упад од трето лице бидејќи тие се едно односно работеле како тим.
За ова вчера реакција објавија и од невладината Коалиција „Сите за правично судење“ од каде вршат мониторинг на судските процеси. Според набљудувачите оттаму, тимскиот начин на испитување на вештаците е спротивен на одредбите на Законот за кривична постапка (ЗКП) и апелираа судечкиот совет во „Ласкарци“ со должно внимание да ги следи текот на главната расправа и испитувањето на вештаците, како и доследно да се почитуваат и толкуваат релевантните законски одредби.
Автобуската несреќа која се случи на 13 февруари 2019 година, заврши со 16 мртви и 37 повредени. Во попладневните часови кобниот ден, автобус на компанијата „Дурмо турс“ излета од автопатот во близина на селото Ласкарци возејќи на редовна линија од Скопје кон Гостивар.