Научното списание „Лансет“ објави студија на 25 научници за движењето на населението до 2100 година, во која прогнозите за Македонија се далеку од позитивни. Зависно од сценариото, проекциите се дека за 80 години отсега во Македонија ќе има најмалку 920 000 жители а најмногу 1 270 000 жители
На Земјата ќе има најмногу луѓе во 2064 година, прогнозираат 25 научници во студијата која деновиве ја објави реномираното научно списание „Лансет“. Тогаш, светската популација ќе достигне 9,7 милијарди жители, за разлика од 7,6 милијарди, колку што живееле во светот во 2017 година. Но, до 2100 година, студијата предвидува дека светската популација ќе се намали до најоптимистички 8,7 милијарди до „песимистички“ 6,3 милијарди жители.
Две сценарија
Прогнозите на тимот научници кои ја изработиле студијата се правени по два модели. Првиот, во основа ги следи сегашните трендови на стапката на фертилитет по држава, морталитетот и миграцијата. Вториот модел, кој дава и пониски прогнози, ги следи целите на ОН за одржлив развој кои во основа треба да значат универзално средно образование за сите жители на планетата и достапност на контрацепција за жените.

Студијата, освен што прави „пресметка“ на глобално ниво и по региони, дава проекции и за 195 држави во светот, меѓу кои е и Македонија и нејзините соседи.
Земјава ќе изгуби до 58 отсто од населението за 80 години
Според статистичките модели изградени врз основа на податоците за земјава за стапките на морталитет, фертилитет и миграции, тимот научници проектираат дека Македонија ќе достигне најмногу жители во 2024 година – 2 190 000. Од тој момент, бројноста на населението ќе опаѓа.
Доколку се користат постоечите модели, до 2100 година или за 80 години отсега, населението во земјава ќе се намали на 1 270 000 жители. Доколку, пак, Македонија ги исполни целите на ОН за одржлив развој, кои подразбираат сите да имаат завршено барем средно образование, а контрацепцијата да им биде достапна на сите, тогаш проекциите во студијата се дека населението ќе падне на 920 000 во 2100 година.
Како и за сите останати држави во светот, така и за земјава моделот е направен земајќи ги предвид не само фертилитетот и морталитетот, туку и миграциите.

Ќе се „испразни“ цел регион
Прогнозите не се црни само за Македонија, туку и за сите соседни држави, па и тие во регионот. Најекстремна е прогнозата за Бугарија.
Според тимот научници, источниот сосед имал 7 050 000 жители во 2017 година, што е и „врвот“ што земјата нема повторно да го достигне. Според „оптимистичкото“ сценарио, во Бугарија во 2100 година ќе живеат 2 620 000 жители, додека според „песимистичкото“ сценарио популацијата ќе изнесува 2 280 000 жители.
Или, прогнозата вели дека земјата ќе загуби околу 65 отсто од своето население.

Иако се нешто подобри, сите останати држави од нашето соседство се очекува да загубат барем 50% од населението.
Албанија се очекува да има најголема популација во 2031 година, но до 2100 година би можела да има двојно помалку население од она што го има сега.

Слични се предвидувањата и за Србија за која научниците сметаат дека веќе го достигнала својот врв по население и дека до 2100 година земјата ќе има од 3,18 до 4,14 милиони жители. Грубо и до 65 отсто помалку отоколку сега.

И за најразвиената земја во регионот, Грција, се предвидува слична судбина. Денешните 10,4 милиони, до 2100 година ќе „стопат“ на популација од 4,73 до 5,48 милиони жители.
