Лајчак вели дека целта е да се постигне целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија до почетокот на 2024 година, а она што не е направено до овој период, можеби и воопшто нема да се направи
Специјалниот пратеник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, изјави дека почетокот на пролетта 2023 година може да биде краен рок за постигнување договор меѓу Косово и Србија. Тој за приштинската телевизија РТВ 21 изјави дека предлогот за конечно решение е европски предлог со вклученост и силна поддршка на Германија и Франција.
Лајчак рече дека целта е да се постигне целосна нормализација на односите меѓу Косово и Србија до почетокот на 2024 година, а она што не е направено до овој период, како што рече, можеби и воопшто нема да се направи.
Лајчак оцени дека двете страни постојано разбираат колку е важен дијалогот за нив и дека сакаат напредок во нормализацијата на односите.
„Двете страни признаваат дека моменталната ситуација одзема многу време и енергија. Но, секако, за да можеш да се фокусираш на нормализација на односите, не може да се соочиш со кризата на терен. За жал, прашањето за регистарски таблички и документи ни одзема многу време и енергија во последните месеци“,
рече тој.
Тој подвлече дека е горд на одличната соработка што ја има со САД.
„Искрено, не може да биде подобро. И велам дека секој пат имаме исклучително добра соработка. Ние работиме рамо до рамо, многу тесно на дневна основа, информирајќи се меѓусебно за сè, споделувајќи информации и јасен договор дека ЕУ го води овој процес и дека САД ја користат својата моќ и авторитет за да го поддржат нашето лидерство“,
додава Лајчак.
Засега прашањето за регистарските таблички е затворено. Тоа беше договорено, се справивме и го решивме, како дел од разговорите за нормализација на односите, рече Лајчак и додаде дека секако овие прашања ќе бидат разгледани заедно со многу други прашања кои ќе бидат дел од дискусиите.
На прашањето што ќе се случи доколку не се постигне договор, Љачак рече дека тие се таму да помогнат, да посредуваат, но „ние, зборувајќи во име на Европската унија, но верувам и во име на САД, не можеме да сакаме нормализација повеќе од Косово и Србија, па ако страните не се договорат, тогаш нема да има нормализација, а со тоа и напредок на европскиот пат“.