Владејачкиот СДСМ ја одржа својата прва прес-конференција по затворањето на избирачките места, вечерва во 20:15 часот. Од говорницата во партиското седиште се обрати портпаролката Богданка Кузевска. Пред новинарите таа испрати неколку куси поенти.
На почетокот кажа дека денеска се гласало слободно и во демократска атмосфера. Но, додаде и дека граѓаните „дадоа правец“.
„Огромно мнозинство од граѓаните денеска излегоа на гласање и дадоа правец каде ќе се движат државата и општините во наредните четири години. Каков ќе биде правецот, ќе видиме од резултатите од гласачките места“,
изјави Кузевска.
Во продолжението на обраќањето, Кузевска ја обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека се обидела да го дискредитира избирачкиот процес. Спомена такви обиди во Ѓорче Петров, Кочани, Македонска Каменица.
Но, потоа, повторно се наврати на оцената дека изборите биле демократски, но и дека „волјата на мнозинството ќе биде испочитувана“.
„Граѓаните денеска, на слободни и демократски избори, го дадоа својот глас. Гласаа слободно и без притисоци, а избирачката волја на мнозинството ќе биде испочитувана“,
изјави Кузевска.
СДСМ, на оваа прес-конференција, не соопшти и резултати. На прашањата на новинарите – каде победуваат, Кузевска одби да даде директен одговор и најави дека тоа ќе го сторат на некоја од следните прес-конференции.