СДСМ обвини дека Блерим Рамадани организирано е ослободен и пренесен на Косово од функционери на МВР и други институции. Повика министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да си поднесе оставка, а Обвинителството да отвори истрага
Власта на ВМРО-ДПМНЕ е фатена жива во мегаскандал со злоупотреба на државната граница, државните институции и серија прекршувања на законите. Се докажа дека не станува збор за бегство на Блерим Рамадани, туку за организирано ослободување и пренесување на Косово од страна на високи функционери на МВР и други институции, обвини опозицискиот СДСМ.
Сметаат дека Обвинителството не смее да молчи и мора итно да соопшти дека започнува истрага.
„Доколку ОЈО ова не го направи во најкус рок, ќе сметаме дека застанува на страна на МВР и го прикрива овој скандал. Што чека ОЈО, треба веднаш да реагира и за тоа да ја информира јавноста. Прашуваме, дали се штитат нарачателите на оваа партиско-полициска операција?“,
рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од СДСМ велат дека премиерот Христијан Мицкоски вчера дал скандалозна изјава во која наместо да побара одговорност и внатрешна истрага за случајот, тврди дека СДСМ шири лаги.
„Го прашуваме, како Мицкоски без истрага и без ниедна информација од МВР за тоа како избегал Рамадани, тврди дека СДСМ лаже? Ова не значи ништо друго освен негов очаен обид да го забошоти случајот. Сите индиции укажуваат дека реализацијата на оваа партиско-полициска шема за пуштање на Рамадани на Косово е политички договор кој Мицкоски морал да го исполни. Доколку не се спроведе целосна, темелна и независна истрага, ќе биде јасно дека и власта и Обвинителството решиле да го штитат МВР и Тошковски од одговорност, да ги штитат сите останати инволвирани во овој случај, сосе нарачателите и наредбодавачите“,
вели Кузеска.
Во партијата сметаат дека министерот за внатешни работи Панче Тошковски треба да поднесе оставка.
„Министерот Тошковски треба да поднесе оставка и да го разреши тој што го поставил на границата со Косово, почнувајќи од Наим Рамука. Само така ќе има услови за независна истрага без притисоци. Бараме декласификација и објавување на снимките од граничниот премин ‘Блаце’ веднаш. Нека видат граѓаните која е вистината, кој е шериф на границата. ОЈО и истражните органи многу лесно може да ги проверат преку камерите и преку граничниот систем за контрола на патници“,
посочи Кузеска.
Инаку, Рамадани беше уапсен во јули годинава на граничниот премин „Јажинце“ врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од страна на Република Србија, која го бара поради сомненија за извршени воени злосторства како припадник на ОВК. Рамадани избега додека беше во куќен притвор.