Според Кузеска, енергетската зависност на државата е повисока од кога било досега бидејќи, како што рече, Македонија увезла повеќе струја во првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ отколку во трите години претходно заедно

Опозициската СДСМ денеска излезе со критики кон Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини предводено од Сања Божиновска, оценувајќи ја првата година од нивното владеење како период со „0 резултати, 0 реформи, 0 проекти“ и укажувајќи на „целосен распад на енергетскиот систем“.
Според СДСМ, најголемиот производител на електрична енергија, АД ЕСМ, потфрлило за цели 35 отсто од планираното производство за 2025 година. Официјалното објаснување дека планот бил „преамбициозен“ само го потврдува погрешното управување со секторот, сметаат од опозицијата.
„РЕК ’Битола’ не работеше повеќе од седум дена за првпат во последните 35 години, додека РЕК ’Осломеј’ не е вратен на мрежа од 8 јуни до денес. Во рудникот ’Суводол’ се случила сериозна хаварија – лизгање на јаловинскиот систем, што го загрозува производството и безбедноста на работниците. ТЕЦ ’Осломеј’ не се користи за производство, туку за партиски вработувања на лица ставани на списоци преку социјални мрежи“,
рече партиската портпаролка Богданка Кузеска на денешната прес-конференција.
Според Кузеска, енергетската зависност на државата е повисока од кога било досега бидејќи, како што рече, Македонија увезла повеќе струја во првата година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ отколку во трите години претходно заедно.
„Новото раководство на ЕСМ потрошило една милијарда денари повеќе, а трошоците на претпријатието се зголемени за дополнителни 400 милиони денари, што резултира со поскапа струја за граѓаните. Нивото на водостоите на хидроакумулациите е на биолошки минимум, иако треба да се на максимум, што директно го загрозува производството во зимските месеци“,
рече Кузеска.
Таа рече дека од партиската програма „1198“ на ВМРО-ДПМНЕ, каде беа најавени нови енергетски капацитети и реформи, не е реализирано ништо.
Помпезно најавената инвестиција од 500 милиони евра за ветерници, Кузеска рече дека е завршена како ливада за пасење овци, без ниту проект, ниту почеток, ниту локација.
Програмите за енергетска ефикасност, додаде таа, за годинава се целосно укинати, за разлика од 325 милиони денари издвоени во 2023 и 2024 година.
СДСМ ја обвинува министерката Божиновска дека додека таа „се слика по постројки и објавува промотивни видеа, граѓаните плаќаат поскапа струја, а системот се распаѓа.“
Од партијата бараат одговор дали има договор на министерката за правни консултации со „познат адвокат близок до ВМРО-ДПМНЕ“ и прашуваат која е неговата улога и дали соработката укажува на постоење на „коруптивна мрежа во министерството која води директно до министерката.“
„Министерката Сања Божиновска не е само најслабиот министер во Владата на Мицкоски. Таа е и симболот за енергетскиот хаос што го живеат и скапо го плаќаат граѓаните“,
велат од СДСМ додавајќи дека со Божиновска и оваа власт, Македонија е „понижена, осиромашена и без енергетска иднина.“