Според косовскиот премиер, потребно е да се вложат максимални напори за прашањето за регистарските таблички да се реши во рок од 48 часа, а со тоа да се најде решение за целосна нормализација на односите до март 2023 година, што, како што тврди, била целта на разговорите во Брисел
Откако го прифати предлогот на САД, според кој, за 48 часа се одложува мерката за казнување на сопственците на возила кои не се пререгистрирани со таблички со ознаки РКС (Република Косово), косовкиот премиер Албин Курти изјави дека не е време да се зборува за нови одложувања, јави РТС.
Според него, потребно е да се вложат максимални напори за прашањето за регистарските таблички да се реши во рок од 48 часа, а со тоа да се најде решение за целосна нормализација на односите со Србија до март 2023 година, што, како што тврди, била целта на разговорите во Брисел.
Курти изјави дека од шефот на европската дипломатија Жозеп Борел очекува да ја исправи грешката што ја направил – што се откажал од разговорите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и се обидел да најде решение само за регистарските таблички.
Косовскиот премиер додаде дека по вчерашните разговори во Брисел, немал дополнителни разговори со Борел, а оти во моментов Соединетите Американски Држави се во контакт со Брисел.
„Од крајот на последната средба во рамките на осумчасовните разговори што ги имавме вчера, не сум комуницирал со Жозеп Борел, кој, со жалење повторувам, се откажа од француско-германскиот предлог како предлог на ЕУ“,
рече Курти.
Курти рече дека е оптимист оти решение за прашањето за регистарските таблички ќе се најде во рок од 48 часа, за што на барање на САД го одложи изрекувањето на казните и изјави дека американскиот амбасадор во Приштина Џеф Ховениер „дава се од себе во разговорите со Брисел“.