Во соопштението од кабинетот на Курти се наведува дека тој на дипломатите им рекол оти казнувањето на Србија, која Приштина ја смета за нарачател и извршител на нападот во Бањска во северно Косово, е пресудна за неповторување на ваквите напади
Петтемина европски емисари кои денеска беа во посета на Приштина му предложиле на косовскиот премиер Албин Курти нов план за продолжување на преговорите меѓу Косово и Србија, информираа од Владата на Косово.
Курти, како што додаваат оттаму, им се заблагодарил на дипломатите за новиот предлог и навел дека за такво нешто разговорите треба да продолжат интензивно.
Косовскиот премиер им напоменал на западните дипломати дека главен приоритет и итно прашање за Косово е неговата безбедност по терористичкиот напад во Бањска на 24 септември, каде што беше убиен припадник на полицијата.
Во соопштението од кабинетот на Курти се наведува дека тој на дипломатите им рекол оти казнувањето на Србија, која Приштина ја смета за нарачател и извршител на нападот во Бањска во северно Косово, е пресудна за неповторување на ваквите напади.
Тој на средбата изјавил дека е неопходно да се има квалитативно размислување и да се има нов пристап осврнувајќи се на разговорот за нормализирање на односите, односно спроведувањето на Основниот договор и Анексот за имплементација.
„На средбата се разговараше за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија, поточно за имплементацијата на Основниот договор (Брисел, 27 февруари) и неговиот анекс за спроведување (Охрид, 18 март). Премиерот на Косово истакна дека е неопходна квалитативна рефлексија и нов пристап. Петтемина емисари го изложија својот нов план за напредување, за што премиерот изрази благодарност и благодарност. Дискусиите треба да продолжат интензивно“,
се наведува во соопштението на косовска влада.
Курти, заедно со првиот потпретседател на владата, Бесник Бислими, ги примија денеска специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, заменик-помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања и воедно специјален пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар и советниците за надворешна политика и безбедност на канцеларот на Германија, Олаф Шолц и на претседателот на Франција Емануел Макрон, Јенс Плотнер и Емануел Боне, како и заменик-советникот дипломат на премиерката на Италија, Џорџа Мелони, Алесандро Катанео.
Средба со „големата петорка“ денеска имаше и српскиот претседател Александар Вучиќ.