Во објавата на социјалните мрежи, косовскиот премиер го нагласи делот од резолуцијата во кој Европарламентот повикува на зајакнување на безбедноста во Косово и барањето до Србија да престане да ги поддржува терористичките групи
Косовскиот премиер Албин Курти ја поздрави резолуцијата усвоена од Европскиот парламент (ЕП) во врска со развојот на настаните во дијалогот меѓу Косово и Србија со која, меѓу другото, се осудува нападот врз косовската полиција што се случи во селото Бањска на 24 септември годинава.

Во објавата на социјалните мрежи, Курти го нагласи делот од резолуцијата во кој Европарламентот повикува на зајакнување на безбедноста во Косово и барањето до Србија да престане да ги поддржува терористичките групи.
„Ја поздравуваме резолуцијата усвоена од ЕП. Помеѓу другите мерки, резолуцијата повикува на зголемена безбедност на Косово и бара од Србија да избегне каква било понатамошна ескалација, да престане со секаква поддршка за терористичките формации и да ги повлечи сите свои оперативни воени бази вдолж границата“,
напиша Курти во објава на социјалната мрежа Икс.
Европскиот парламент, потсетува Курти во објавата, исто така, ги повика петте земји на ЕУ кои не го признаваат Косово да го направат тоа.
„Резолуцијата, исто така, ја охрабрува Европската комисија да го прекине финансирањето на Србија доколку не соработува и ги повикува српските власти да се воздржат од говор на омраза против Косовците и лажни информации во врска со ‘етничко чистење’“,
додава косовскиот премиер.
We welcome today’s @Europarl_EN resolution. Among other measures, it calls for the enhancement of security for ?? and urges Serbia to avoid any further escalation, halt any support to terrorist formations, and withdraw all its military forward operating bases along the border.
— Albin Kurti (@albinkurti) October 19, 2023
Европските пратеници вчера ја изгласаа резолуцијата за Косово и Србија со која се осудува нападот во северот на Косово што се случи на 24 септември годинава оценувајќи го за „кукавички терористички напад врз косовските полицајци од српски доброорганизирани паравоени формации во Бањска“.
Резолуцијата ги повикува Европската комисија и Советот на ЕУ да преземат мерки против српската влада доколку истрагите покажат оти Србија е директно вмешана во нападот во Бањска. Во текстот на резолуцијата се повикува Советот на ЕУ да воведе рестриктивни мерки против, како што се посочува, дестабилизирачките актери на северот на Косово и водачите на големите мрежи на организиран криминал.
