За проблемите со кои се соочуваат здравствените власти денеска се разговараше на седница на Советот
Ковид-позитивните кумановци ги кријат контактите во последниве два месеца, за тестирање се чека од четири до пет дена, бидејќи има голем број ординации кои закажуваат преку „Мој Термин“, но резултатите во овој период стигнуваат за еден до два дена.
Ова се проблемите со кои се соочуваат здравствените власти во Куманово, за кои денеска на седница на Советот на Куманово говореше епидемиологот д-р Јадранка Стаменковска, одговарајќи на советнички прашања.

Таа смета епидемиолошка состојба во Општината може да се очекува да се влошува, главно поради тоа што заразените одбиваат да ги кажуваат контактите, освен членовите на најтесното семејство.
„Свесно избегнуваат изолација и знаеме дека сите контакти на позитивното лице 14 дена треба да бидат во домашна изолација, тоа е тој период доволен за да не се шири инфекцијата. Потенцирам дека сè помал број контакти се пријавуваат. Ако во првите месеци во март или април, на еден позитивен имавме од 10 до 15 лица контакти, сега се помалку, така што на едно позитивно лице имаме по два-три контакти“,
рече епидемиологот.
Во Центарот дневно се прават околу 25 тестирања, има пункт, Центарот има и екипи кои теренски земаат брисови, по претходно закажани термини од матичните лекари.
„Тој број се движеше до вчера околу 25 лица дневно, денеска бројот на тестови е зголемен на 33“,
рече д-р Стаменковска.
Проценката за земање брис ја прави матичниот лекар. Во Куманово се чека од четири до пет дена, во градот има 103 пријавни единици. Тестирање прави и болницата.
Градоначалникот Максим Димитриевски оцени дека Куманово со вонредната состојба се справува со двајца епидемиолози и скромен тим во Центарот за јавно здравје, на кои им оддаде признание за пожртвуваноста. Покрај кумановци, Центарот ги опслужува и жителите на Липково и Старо Нагоричане.
„Оваа институција која во минатото сите ја занемаруваме, и кога доаѓаа точките на совет поминуваат така, но сега сфативме што значи сериозна епидемиолошка служба и систем за превенција од заразни болести, се покажа како квалитетни луѓе внатре и со сериозно изграден систем со оглед на ресурсите, но пресудно беше човечкиот фактор и знаењето, два епидемиолози за Куманово, Липково и помалите општини во регионот во состојба на епидемија. Ви оддавам признание“,
рече Димитриевски на денешната седница на Советот.