Според европратеникот, вклучувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот е многу чувствителен процес и како и при секое отворање на кој било Устав, има сложена процедура која бара јавна, но пред сè политичка дебата
Постапката во македонското Собрание за уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот на земјава ќе започне во рок од две недели, тврди бугарскиот европратеник и известувач во Европарламентот за земјава, Илхан Ќучук.
„Или оваа или седната недела Владата ќе го достави конкретниот предлог на Работната група на расправа во Собранието“,
вели Ќучук за бугарската телевизија БТВ.
Европратеникот неделата престојуваше во Скопје во рамки на дијалогот „Жан Моне“ во парламентот и за време на престојот, како што изјавил за бугарските медиуми, имал среди со претставници и на власта и на опозицијата. Во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ), исто така, зборува на тема за уставните измени и вели дека вклучувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот е многу чувствителен процес и како и при секое отворање на кој било Устав, има сложена процедура која бара јавна, но пред сè политичка дебата.
„Врз основа на праксата на Европскиот парламент да не се објавуваат извештаи пред важни прашања, предложив разгледувањето на Извештајот за напредокот на земјата да остане за наесен“,
изјави Ќучук.
Тој смета дека одлагањето на разгледувањето на Извештајот ќе биде во полза за сите, но пред сè за земјава бидејќи ќе го добие потребното политичко време за да ги реши сите проблеми.
