Известувачот за земјава во Европскиот парламент (ЕП), Илхан Ќучук, гледа две можни сценарија во однос на идните чекори во пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ – едно оптимистичко и друго песимистичко. Според Ќучук, на динамиката на македонските евроинтеграции силно влијае пандемијата со ковид-19, но и изборниот процес во земјава.

„Кога светот се затвори, ЕУ најде внатрешна сила да се отвори кон Западен Балкан. Оттука натаму тргнуваат и конкретните чекори што треба да се изодат. Мојата желба е во текот на јуни да има јаснен патоказ за Република Северна Македонија, да биде разработена методологијата за преговарачкиот процес. Најверојатно и Европска комисија ќе настојува за такво нешто. Тоа е оптимистичкото сценарио“,
вели Ќучук во интервју за „360 степени“.
Песимистичкото сценарио, според европратеникот од Бугарија, е тоа да се случи во септември што е поврзано со изборите во Република Северна Македонија.
„Европската комисија и Европскиот парламент го очекуваат спроведувањето на изборите во Северна Македонија за да се напише извештајот. Јас како известувач ги очекувам изборите зашто тие се демократскиот лакмус во секоја држава. Нема што да зборуваме за спроведување на законите, слободата на медиумите, основните човекови права и слободи ако прво не зборуваме за демократскиот процес на една држава. Од таа гледна точка, изборите имаат и такво значење“,
објаснува европратеникот во интервју за „360 степени“.
Тој ја нагласува и желбата за продолжување на т.н „Жан Моне“-формат на активно партнерство со пратениците зашто останала незавршена работа.
„Тој процес беше започнат во претходниот состав, активно се вклучивме со тој мандат, се одржа една средба, но во Деловникот има многу отворени прашања кои треба да се договорат и утврдат, да се постигне консезус за да не се навраќаме на претходните точки, не сакам да ги споменувам настаните што се случија во парламентот, и да продолжиме напред со работата. Од трета гледна точка, изборите имаат суштинско значење за земјата да утврди сопствен јасен меѓународен профил на НАТО-членка и европска држава. Тоа е исклучително важно за иднината на земјата“,
рече бугарскиот европратеник и известувач за земјава во ЕП.