Новинарот бил нападнат од глутница кучиња во близина на неговата викендичка на Космај (планина во околина на Младеновец), а неговата сопруга Олга, која ја повикал на помош, е тешко повредена и пренесена во ургентен центар
Српскиот новинар и медиумски аналитичар Владан Радосављевиќ почина откако беше нападнат и искасан од кучиња, а неговата сопруга Олга е тешко повредена.
Веста за неговата смрт, како што објави РТС, ја потврдила Лила Радоњиќ, директорката на Продукциската група „Мрежа“ – продукцијата чиј еден од основачите е токму Радосављевиќ.
Новинарот бил нападнат од глутница кучиња во близина на неговата викендичка на Космај (планина во околина на Младеновец), а неговата сопруга Олга, која ја повикал на помош, е тешко повредена и пренесена во ургентен центар. Имајќи ги предвид околностите, видот и природата на повредите, таа најверојатно од ургентниот центар ќе биде префрлена на инфективна клиника на понатамошно набљудување.
Министерството за внатрешни работи на Србија, без да соопшти повеќе детали, вчера потврди дека во нападот на Космај починал 62-годишен маж , а неговата сопруга е тешко повредена и пренесена во болница.
Во изјава за агенцијата Танјуг, од Јавното комунално претпријатие „Ветерина Белград“ изјавиле дека трите кучиња што го нападнале новинарот биле кучиња на сопственици, со јасни докази за сопственост. Кучињата носеле околувратници со ознаки на кои биле испишани телефонските броеви на нивните сопственици.
Како што наведуваат оттаму, едно од кучињата е од раса стафорд, едното е мешавина од стафорд и питбул, а третото е мешавина од непознато потекло.
Владан Радосављевиќ беше новинар на поранешното радио „Студио Б“ и директор на програмата „НТВ Студио Б“. Тој е еден од основачите на продукциската група „Мрежа“, а извесен период беше и директор на белградскиот „Медиа центар“.