Првиот човек на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, предлага јавниот сектор да работи два часа помалку, односно од 9 до 15 часот, а енергијата што ќе се заштеди од јавните институции потоа да им се даде како помош на бизнис-секторот и јавно – комуналните претпријатија за, како што вели, да се спречат поголеми ценовни шокови
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) како мерка за заштеда на електрична енергија предлага јавниот сектор да работи два часа помалку, односно од 9 до 15 часот. Во тој период од денот, како што посочуваат од КСС, има најмногу дневна светлина и е најтопло.
Како што јави МИА, првиот човек на КСС, Благоја Ралповски, предложи енергијата што ќе се заштеди од јавните институции потоа да им се даде како помош на бизнис секторот и јавно – комуналните претпријатија за да се спречат поголеми ценовни шокови.
„Може да се направи рационализација, јавниот сектор може да работи со скратено работно време од два часа со што ќе се заштедат големи количини електрична енергија. Може да се направат дежурни тимови кои ќе ги сервисираат неопходните дејности во текот на еден ден“,
истакна Ралповски.
Од 1 септември започнаа да се применуваат мерките за штедење електрична енергија со кои потрошувачката треба да се намали за 15 отсто. Мерките беа донесени со владина одлука на 16 август, а ќе важат до 31 март 2023 година. Мерките се однесуваат на домаќинствата и компаниите како препораки, но и на државните институции како задолженија.
Дополнително, Ралповски апелираше итно да профункционира социјалниот дијалог за да им се помогне на работниците, бизнис секторот и јавно-комуналните претпријатија побезболно да ја пребродат енергетската и економската криза, како и да се субвенционира струјата во индустриските капацитети и комуналните претрпијатија,
Како модел за субвенционирање на струјата во големите индустриски капацитети и во јавните комунални претрпијатија, КСС ги посочува примерите од соседството – Бугарија, Србија и Грција, според кои поголем дел од државниот буџет оди за оваа намена.
„Ако властите во најитен можен рок не изнајдат решение за субвенционирање на струјата во големите индустриски капацитети и, пред сè, во јавните комунални претрпијатија како даватели на услуги на граѓаните, ќе се соочиме со зголемување на цените за комуналните услуги, но и со губење на работни места. Доведен ќе биде во прашање опстанокот на работникот во тешката зима што претстои“,
рече денеска на прес-конференција претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Социјалниот дијалог, нагласи Ралповски, е во клиничка смрт.
