Истрагата за случајот „Продуцент“ беше отворена уште од СЈО, а потоа беше во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, беше обвинет за делото злоупотребата на службената положба и овластувања, а новинарката Ивона Талевска за помагање во истото дело

Судот донесе решение со кое ја запре постапката за кривично гонење за случајот „Продуцент“ против поранешниот министер за земјоделство од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, и новинарката Ивона Талевска. Со измените на Кривичниот законик, случајот „Продуцент“ се смета за застарен.
Коалицијата „Сите за правично судење“ објави дека на 17.10.2023 година било закажано рочиште за предметот „Продуцент“.
„На рочиштето Јавното обвинителство предложи судот да донесе решение за запирање на кривичната постапка поради измените на Кривичниот законик. Судот донесе решение со кое ја запре постапката поради настапување апсолутна застареност на кривичното гонење“,
соопштуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Истрагата за случајот „Продуцент“ беше отворена уште од СЈО, а потоа беше во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Поранешниот министер за земјоделство и актуелен пратеник од Социјалистичката партија, Љупчо Димовски, беше обвинет за делото злоупотребата на службената положба и овластувања, а новинарката Ивона Талевска за помагање во истото дело, а во врска со склучување договор од околу 50 000 евра, без јавна набавка, од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) со „Смарт центар“ за изработка на телевизиски прилози кои беа емитувани во емисијата „Боја на парите“ на ТВ Сител во 2009-2010 г., чиј водител беше Талевска.
Димовски и Талевска минатата година во мaj седнаа на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд Скопје каде што започна судскиот процес во случајот „Продуцент“, предмет за кој истрагата беше отворена уште од СЈО, а сега е во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Не се чувствуваме виновни“,
кажаа двајцата во денешното произнесување за вина откако претходно обвинителката Елизабета Јосифоска даде воведни зборови велејќи дека ќе ја докаже нивната вина.
Еден од важните аргументи што обвинетите и нивните адвокати, Еленко Миланов и Анита Бегова, го потенцираа е нејасното произнесување од МЗШВ за евентуална штета кое до судот пристигнало минатата недела, а во кое, според нив, нема конкретна штета туку е наведена сумата која била исплатена за услугите од договорот.
Ако нема штета, потенцираа тие, нема ниту предмет.
Нејасното произнесување за штета до судот пристигнало писмено откако на минатото рочиште претставник на Министерството не знаеше да се произнесе во судница тврдејќи дека за рочиштето дознал непосредно пред неговото одржување. За разлика од сега, пак, во текот на истрагата била пријавена штета.
Новинарката Талевска пред судот имаше излагање во кое потенцираше неколку аспекти, меѓу кои и дека фирмата со која раководела била регистрирана за продукција и согласно тоа е квалификувана да склучи договор со Министерството согласно исклучоците од Законот за јавни набавки, како и дека став на Врховниот суд и на судската пракса е дека страната која склучува договор со државен орган не може да биде одговорна за последиците.
Како свој аргумент таа наведе е и што емисијата „Боја на парите“ била авторско дело, а ниту денес, нагласи новинарската, ниеден државен орган за авторско дело не распишал тендер.
„На пример, Министерството за култура на Охридско лето не распишува тендер кој ќе даде најниска цена за настап туку договора согласно свои критериуми и планови. Ниту еден настап, рекламен или авторски, на ниту една телевизија не бил предмет на тендер според цена и услови, туку според интерес и рејтинг на телевизијата, па така е и во овој случај“,
рече тогаш Талевска.
Ова е единствената истрага на СЈО во која се гонеше Димовски.
Од други предмети, пак, тој беше еден од шестемина обвинети пратеници во случајот „27 април“, но и тој, како и другите петмина, беше помилуван.
Димовски во Собранието е пратеник од Социјалистичката партија на Македонија, на која стана и претседател по смртта на Љубисав Иванов-Ѕинго.
Ивона Талевска, пак, беше опфатена и во предметот „Тифани“ на СЈО кој се однесуваше за даночно затајување. Таа таму призна вина и доби условна казна од две години затвор која нема да се изврши доколку во наредните четири години не стори нови кривично дело.